Радио Милева
разнишан однос

Хари во неговите мемоари откри дека принцот Вилијам, физички го нападнал и го соборил на земја (фото)

Хари во неговите мемоари откри дека принцот Вилијам, физички го нападнал и го соборил на земја (фото)

Принцот Хари и Меган Маркл не престануваат да ја шокираат јавноста со нивната исповед од животот во британското кралско семејство, кое го напуштија во 2020 година. После серијалот „Хари и Меган“, кој многумина изненади, помалиот син на кралот Чарлс сега во автобиографијата објавил дека неговиот брат, принцот Вилијам, го нападнал и го соборил на земја.

Принцот Хари својата книга ја нарекол „The Spare“, мислејќи на фразата на кралските семејства кои секогаш имаат најмалку две деца – престолонаследникот и „резервниот“. Во книгата напишал дека принцот Вилијам физички го нападнал и го соборил на земја и ја навредувал Меган Маркл.

„Расправијата беше во нашата куќа во Лондон во 2019 година. Му реков дека се однесува нерационално, а тој ја нарече Меган тешка, невоспитана и кавгаџика. Му реков дека како папагал ми го повторува она што го пишуваат таблоидите за неа, а потоа почна да вика по мене“, се сеќава принцот.

„Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме фрли на земја. Паднав на садот за вода на нашето куче, кој се скрши. Останав со видливи повреди, модринки и исеченици од парче од садот, на грбот. Лежев на подот зашеметен, а потоа станав и му реков да излезе надвор“, напишал принцот Хари.

„Вилијам ми одговори – ајде, возврати ми удар. Така се расправавме кога бевме деца. Одбив и тој замина. Малку подоцна се врати и се извини.

Пред да излезе се сврте и ми рече дека Меган не треба да знае за инцидентот. Го прашав дали мисли на нападот. Тој ми одговори дека не ме нападнал“, вели принцот Хари.

Тој понатаму пишува дека првично не ѝ кажал на Меган за нападот, туку прво ѝ се јавил на својата терапевтка. Меган Маркл дознала за тепачката дури кога ги забележала повредите на неговиот грб.

Извадоци од книгата објави британски „Гардијан“, а „Дејли мејл“ пишува дека е голема мистерија како новинарите успеале да дојдат до копија од автобиографијата на принцот Хари, бидејќи издавачот „Пингвин Хаус“ презел многу мерки за ниту еден збор да не „протече“.

Фото: Принтскрин/Профимедиа

Останати вести од Радио Милева