Радио Милева антологиска слика

„Глумците пеат“ се враќа на голема врата: Маја Бабиќ копајќи по старите архиви пронајде култна фотографија од моментот кога се’ започна (ФОТО)

„Глумците пеат“ се враќа на голема врата: Маја Бабиќ копајќи по старите архиви  пронајде култна фотографија од моментот кога се’ започна (ФОТО)

Покрај за среќа се’ уште постоечката „Златна бубамара на популарноста“  и некогашните македонски музички награди  – „12 Величествени“, манифестацијата „Глумците пеат“ беше една од најобожаваните, најгледаните, најпосетуваните и најочекуваните манифестации од културно-уметнички и забавно-музички карактер во Македонија.

Како и за сите набројани, и за неа се бараше билет повеќе, а пејачките и актерски изведби, како и скечевите на глумците ја држеа тензијата од првиот до последен миг, од првиот до последен отсвирен тон и испеан стих!

За жал, откако политиката стана „главна забава“, евтино „шоу“ за народот, а неприкосновен бизнис за политичарите, слухот за многу нешта што беа не само одлични како културни проекти ( фестивали, манифестации) престанаа да егзистираат, зашто политичарите имаа(т) слух само за она што за нив лично е важно и ги исполнува…  Најмногу, нивните џепови, секако! Почна да царува турбофолкот од соседството по провинциските плоштади, кичот и вкусот на невкусот на разни панаѓурски манифестации на кои питите, сомуните, скарата, јадењето и пиењето се култ, наместо културата!

Со тоа згаснаа култните фестивали на забавна и фолк музика како „Скопскиот фестивал“ и “Цветници“, згаснаа манифестациите како „12 Величествени“ или „Македонскиот радиски фестивал МАРС“, згаснаа и „Глумците пеат“…

За среќа, годинава пристигна објавата дека токму една од споменатите манифестации се враќа на голема врата.

„Драги пријатели, со огромна доза на емоции и со уште поголема одговорност, ви најавувам дека шоуто „Глумците пеат“ се враќа на сцена“ –  соопшти на социјалните мрежи Маја Бабиќ, ќерка на неодамна починатиот актер Марин Бабиќ, кој беше идеен творец на манифестацијата, обзнувајќи дека легендарната манифестација одново ќе заживее и додаде:

„Ни остави аманет и знаевме дека мора да го исполниме. Затоа што ТОЈ толку многу ги сакаше и копнееше да ги врати. И затоа, во чест на Марин ја враќаме на глумците, на театарот, на публиката. Оваа година ќе биде на 20-ти април, во Македонската опера и балет, но од догодина ќе ги вратиме на денот на кој припаѓа – 26-ти март, во чест на 27-ми март, светскиот ден на театарот“.

И додека подготовките за враќањето на „распеаните глумци на сцената“ се во полн ек, во меѓувреме се листаат спомените и сеќавањата на убавите времиња и најблескавите моменти од истата, а како поинаку ако не листајќи ги видео и фото архивите. Во таквото пребарување Маја Бабиќ наишла на една култна фотографија од самиот почеток, од првото издание на манифестацијата која како што постарите паметат, група ентузијасти на чело сонејзиниот татко, сега покојниот актер Марин Бабиќ во далечната 1991 година, решија да и покажат на јавноста дека глумците меѓудругото и одлично пеат.

Токму приказната за настанувањето на манифестацијата „Глумците пеат“ и легендарната фотографија од првиот настап на сега исто така веќе покојниот Владимир Дади Ангеловски, ги споделила на својот Фејсбук профил, како убава шлагворт за она што е историја, која се враќа на голема врата на сцената… за нови спомени, за нови убави моменти:

„Се започна во далечната 1991, кога група ентузијасти на чело со Марин Бабиќ решија да и покажат на јавноста дека глумците меѓудругото и одлично пеат. Беше одлучено ова шоу да се одржи во чест на Светскиот ден на театарот, 27 март, но сепак да се случи ден претходно, како најава на празникот на актерите.
Првата „Глумците пеат„ се одржа во Универзална сала на 26 март 1992 година и настапија повеќе од 30 актери од повеќе театри од Македонија од речиси сите возрасти.
Задачата да настапи прв му беше доверена на Владимир Дади Ангеловски, кој ја изведе нумерата „Стариот Пјер„.
Според кажувањата, Дади имал огромна трема, како и сите останати колеги зад сцената. Не било лесно да бидеш прв на првата манифестација.
Кога излегол на сцена, видел дека Универзална Сала е преполна и само што почнал да пее, добил френетичен аплауз, кој продолжил и по настапот.
Аплаузите не престанувале за сите актери понатаму, а по завршувањето на последната точка, никој од публиката не сакал да ја напушти салата, па актерите одлучиле да повторат некоја од точките на бис.
Така било првата година, се понатаму е историја.


Во чест на Дади, човекот кој прв запеал на „Глумците пеат„ ја објавуваме оваа маестрална фотографија, направена на друго издание“ – сподели ќерката на идејниот творец, а сега таа како организатор на возобновеното издание на „Глумците пеат“, Маја Бабиќ.

 

To top