Нашиот можеби најдобар тапанар од помладата генерација, талентираниот Гаро Тавитјан продолжува да реди успеси и забележливи соработки со врвни брендови од светот на музиката!
Гаро Јуниор веќе три децении ја обогатува македонската музичка сцена со квалитетен ритам, богат музички звук и позитивен печат оставен низ светските музички води. По бројни соработки и настапи со светски музички имиња и препознавања како музички мегаталент, мали Гаро го најави својот последен оставен белег, откако стана заштитно лице на светски познатата компанија за чинели „Зилџан“.
„Голема чест ми е да го објавам новото видео снимено за светската компанија од Америка Zildjian Company со живата легенда и гитарскиот мастер Г-дин Frank Gambale од Chick Corea Elektric Band.
Ниту долгиот пат во музиката и безброј настапи во различни земји низ светот ниту портфолиото (биографија, албуми, признанија итн.) беа најпресудни туку се ова е дело на Бог и му благодарам што на мене (недостојниот) ми ја даде оваа шанса и можност да оставам траг во светот на музиката со величенствениот (Греми артист) Frank Gambale, брат ми Diran Tavitjan (мој гуру) и интернационалниот уметник Nadja Petrovic чие уметничко дело го искористивме во видеото. Видеото е објавено во најголемата музичка светска институција Zildjian (каде станав заштитно лице за целиот свет) која одамна го надмина епитетот најдобра компанија за чинели и други иновации во светската историја и се претворија во највлијателна музичка институција во модерниот свет. Zildjian има 400 години традиција и е предводник на модерниот музички свет и традицијата планетарно. Со нивните планетарни амбиции, легендарни фестивали и концерти, семинари, епохални видео проекти и настани го заземаа лидерското место во ширење на најврвните артисти и најиновативни уметности во музиката и пошироко уште од 50-тите до ден денеска, затоа и го држат 75% од светскиот културен пазар. Под нивна капа се ритам секцијата на Metallica, Guns and Roses, The Beatles, Rolling Stones, Аdele, Spin Doctors, Simple Minds, Katy Perry, Pet Shop Boys, Air, Primus, Garbage, The Corrs, Nick Jonas, Bonnie Tyler, Faithless, Dave Ghrol, Foo Fighters, Dog Eat Dog, Berklee College, London Philharmonic Orchestra, San Francisco Symphony, Empire of the Sun, David Letterman, Blink, National Theatre Scotland, Royal College of music, Norwegian Academy of Music, Chambers, Sanchez, Gary Novak, Tony Royster etc.
Ова беше многу долг процес и не го сметам само за мој личен успех колку што е тимска работа од многу години на моите најблиски и нивната подршка беше клучна. Чест ни е што ја ставаме Македонската и Скопската култура во светската музичка историја.
И благодарам на нашата сцена и на останатите земји каде настапував долги години и се надоградував и посебно на Американските концертни сали и компании каде влегов во светските Bluе Note, Carnegie Hall, Nublu, Vic Firth (каде сум заштитно лице), Modern Drummer, Remo, Drum Talk TV и останати институции.
Благодарам и на сите наши феноменални музички колеги и пријатели во Скопје и низ цела држава. Како и во спортот така и во уметноста посакувам и знам дека ке има и следни кои ке направат уште поубави дела од наши простори во иднина а патот да им биде поплочен со христијански и чесни намери.
Со почит!“ – објави гаро Јуниор на својот Фејсбук профил.
Видеото „Revitalization“ е дел од серијата „Artist Spotlight“ на Зилџан. Музиката, аранжманот и продукцијата се на Гаро Тавитјан, а свој удел во видеото имаат и светски познатиот музичар и добитник на Греми, Френк Гембејл, на гитара, и братот на Гаро, Диран Тавитјан на пијано соло.