Фондацијата ИЦЕ БЕГОВ во Скопје е основана со цел вршење хуманитарни активности, поддршка и помош преку собирање средства и нивно насочување кон социјално загрозени категории лица и семејства, маргинализирана група граѓани, ранлива категорија граѓани, како и лица со попреченост.
Фондацијата е непрофитна, хуманитарна и непартиска фондација, основана со слободно изразена волја, која се стреми кон остварување на целта поради која е основана.
Фондацијата, за остварување на основната цел, има донесено Програма со задачи и активности, меѓу кои: организирање и одржување работилници, организирање и дистрибуција на храна, облека, лекови, хигиена, покуќнина и други производи кои се потребни за егзистенција на социјално загрозени категории лица и семејства, маргинализирана група граѓани и ранлива категорија граѓани, лица со попреченост. Фондацијата ќе се заложува за вршење активности за унапредување и подобрување на квалитетот на живот на социјално загрозени категории лица и семејства, маргинализирана група граѓани, ранлива категорија граѓани и лица со попреченост; организирање јавни настани за подигнување на свеста кај населението; организирање хуманитарни настани, како и помош на деца и ученици од воспитно-образовни установи (ранлива категорија).
Фондацијата е отворена за секој граѓанин без оглед на национална , расна и верска припадност, кој сака и може со своето членување да придонесе во остварување на целта на Фондацијата, согласно задачите и активностите утврдени со Програмата на Фондацијата.
Секој човек заслужува да ја почувствува човечноста на другиот: внимание, љубов, радост, верба, среќа и надеж за подобро утре, токму како што ИЦЕ БЕГОВ неизмерно ја споделуваше со неговото чисто и невино срце.
ИЦЕ БЕГОВ е роден на 28.07.1995 година во Гевгелија. Детството и школувањето го помина во Скопје. Неговата личност и карактер е синоним за вистински пријател, брат, верен другар, со чиста љубов која ја ширеше кај секого. Секојдневието го започнуваше со желба да го помине денот со личности на места кои често ги посетуваше, а секоја помината минута беше предизвик да направи план за нова авантура. Негова силна страна беше помошта која неизмерно и безрезервно ја даваше на личностите кои беа дел од неговиот живот. Неговиот придонес беше особено важен, бидејќи со својата посебна енергија, добрина и милозливост сакаше да придонесе секој во неговото присуство да се почувствува среќен, мирен и спокоен. Енергијата која ја носеше во себе ја манифестираше со искрена насмевка и вистинска љубов која допираше до секого. Темпераментноста беше негова препознатлива карактеристика, а особено неговиот афинитет кон повеќе професии, меѓу кои: музиката, ветеринарството, занаетчиството особено кон неговата омилена професија електроинсталатер. Несебично го даваше својот максимум за секој ден да биде поубав, подобар и различен, исполнувајќи го секој момент со искрена насмевка, среќа и топла љубов.
Неговата автентичност е поттик за основање на Фондацијата ИЦЕ БЕГОВ која ќе ја продолжи неговата мисија на хуманост, ведар дух и добрина која во целост го отсликува неговиот лик.