Најпопуларниот македонски фолк-фестивал „Валандово фолк фест 2020“ во мај, нема да се одржи! Тоа не значи дека фестивалот оваа година нема воопшто да има свое издание, но сега во мај, сосема сигурно е одложен! Организаторите бараат некој нов термин, но, се’ уште не знаат кога тоа би било?
Градоначалникот на општината Валандово, Перо Костадинов во изјава за Вечер порача:
„Се’ зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата. Најверојатно дека “Валандово 2020“ ќе биде некаде во длабока есен, можеби кон средината на ноември, но ништо не е прецизирано, терминот останува отворен. Новите песни се речиси готови, се знаеше и списокот на учесниците, секогаш се тоа звучни фолк имиња од кај нас и странство, но разбирливо е дека сега се’ е ставено на чекање за некои други подобри времиња, за кои сите се надеваме дека ќе бидат на есен. Така што убавата народна македонска, валандовска песна, за жал оваа пролет нема да се чуе од градот на калинките, но затоа како што вели онаа народната поговорка: трпение – спасение… до ноември!“