Мегафон на 24 и 25 мај

„Фолк-фест Валандово 2018“

„Фолк-фест Валандово 2018“

Фолк фестивалот „Валандово 2018“ годинава ќе се одржи на 24 и 25 мај. Првата фестивалска вечер на неговото 33-то издание ќе биде од ревијален карактер и на неа ќе бидат изведени музички нумери од тројца досега најизведувани автори на валандовскиот фестивал – Григор Копров, Миле Барбаровски и Љупчо Трајковски – Фис. Во втората ќе се натпреваруваат 19 нови фолк-мелодии, одбрани од вкупно 90-те што пристигнаа на конкурсот. Првата награда ќе изнесува 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра.

Сето тоа беше соопштено на неодамнешната конференција за медиумите, на која за овој фестивал зборуваа и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, советничката за култура Цветанка Ласкова, Петрит Сарачини, исто така од Министерството за култура, претседателот на Уметничкиот совет на фестивалот, Живоин Глишиќ, и градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов.

Фотографија на Фолк Фест Валандово 2018.

Министерот истакна дека „Фолк-фест Валандово“ е значајна манифестација за македонската народна музика, на која во нејзините најдобри времиња се презентирале песни кои потоа станале толку популарни што многумина веќе не ги доживуваат како авторски, туку како народни песни.

 

Изведувачите во двете вечери ќе бидат придружувани од оркестар составен од едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонијата. Според Живојин Глишиќ, снимањето на материјалот е во завршна фаза и се очекува пред фестивалот да биде издаден и компакт-диск.

Инаку, годинава има новини и во начинот на гласање на фестивалот, така што во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Жирито ќе биде составено од седум члена, а телефонско гласање нема да има.

За време на гласањето, свој мини-концерт како специјална гостинка ќе има босанската фолк легенда Ханка Палдум со својот оркестар.

Извор: Макфакс/ Фото: Фејсбук

To top