Фестивалот „Мел фест“ ( Мелодија фестивал) во Прилеп, кој своевремено беше единственото музичко талент-шоу во Македонија и надвор од неа, на кој децата од Македонија но и од целиот регион и Балканот изведуваа познати песни, хитови и евергрини, се враќа на сцената на голема врата.
Елена Петреска, Андријана Јаневска, Симона Попоска, Наташа Малинкова, Елена Велевска, Игор Узунов, Маријан Стојаноски, Огнен Здравковски, Горан Наумовски со Горан Папаз, Анастасија Аврамовска се само дел од пејачите кои ќе настапат на гала-вечерта во четврток, на 22 ноември, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во 20.30 часот, а гостинка на вечерта ќе биде и популарната српска пејачка Јелена Томашевиќ.
„Настапуваат дел од пејачите кои својата кариера ја започнале на овој фестивал, но и колеги кои за првпат ќе настапат на ’Мел-фест’, на овој начин давајќи поддршка за враќањето на целиот овој проект, кој зад себе има 20 години успех“, вели пејачката Елена Петреска, која од годинава е и уметничка директорка на фестивалот, а пред многу години токму на него, заедно со Тоше Проески, Дани, Наташа Беквалац, Дин… и многу други пејачи од таа генерација, ја започна својата кариера.
„После фестивалот, односно неговата гала-вечер, ќе има и изложба на фотографии како ретроспектива на ’Мел-фест’. Важно е да потенцирам дека сè ова што ќе се случува во четврток е само најава и всушност почеток за ’Мел-фест – талент-шоу’, кое ќе започне пред Нова година, низ 15 градови во Македонија, а во преговори сме со неколку национални телевизии каде би се емитувало тоа“, додава Елена.
Водителка на гала-вечерта ќе биде најпопуларниот водителски женски ТВ лик во македонија, Лила Стојановска.