На 28 март 2018 година (среда), од 19.00 часот во Клуб ресторанот МКЦ во Скопје по третпат ќе се одржи „Крик на жената“ – Меѓународен фестивал на поезија и уметност (Woman Scream – International Festival for Poetry and Art), ширум светот познат како „Меѓународно движење на поетесите“ (Women Poets International Movement / Mujeres Poetas Internacional – MPI), кој потекнува од Доминиканската Република, а на меѓународно ниво е координиран од страна на поетесата Хаел Урибе (Jael Uribe) како претседателка.
Националните координаторки за Македонија се поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова, со поддршка на здружението „Јустиција“, во заедница со координаторите/ките од преку 30 држави од целиот свет, меѓу кои: Доминиканската Република, Шпанија, Мексико, Пуерто Рико, Аргентина, Франција, Луксембург, Италија, САД, Белгија, Норвешка, Луксембург, Канада, Грција, Австралија и многу други. Фестивалот оваа година ќе се одржи во чест на мајките како водички на новите генерации, посветен на живот без насилство и родова рамноправност и во чест на мајките кои ги изгубиле своите ќерки, жртви на насилство. Мотото на меѓународниот фестивал оваа година е „Блесоци на надежта“ (Flashlights of Hope). Мотото на настанот во Македонија е – „20 дена по 8 март и шчо напраифме“?
Фестивалот претставува светски синџир на настани во текот на сиот месец март, каде што поети и поетеси, уметници и уметнички и организации од различни земји волонтираат во чест на жените и рамноправноста на жените и испраќаат пораки на самодоверба и почит, но и го зајакнуваат гласот против насилството врз жените.
Учествуваат:
Панелистките: Билјана Дуковска од Македонска Платформа против сиромаштија – МППС, Љатифа Сиковска од НВО Амбрела, Снежана Смилевска од Организација на жени Скопје , Наташа Доковска од Новинари за човекови права; Студио за танц „Вајб“ со модерен танц во кореографија на Милена Манева, како и салса перформанс во кореографија на Коста Андонов и Марта Арсовска; балетскиот перформанс на композиција на композиторката Дарија Андовска за фиксен медиум, во кореографија на Елена Антонова Петровиќ и изведба на ученици и ученички од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и студенти и студентки од ФМУ (балетска педагогија); поетите и поетесите: Стефан Митиќ и Богосав Пејиќ од Лесковац, Србија, Немања Стојковиќ – Блеки од Врање, Србија, Даниел Кубас Ромеро од Перу, Атанас Чупоски, Анета Василева, Пунторие Муча Зиба, Ирена Јурчева, Сања Атанасовска, Ана Љубиќ, Елена Пренџова, Џабир Дерала и Оливера Доцевска од Македонија; пејачот и пејачката Игор Узунов и Валентина Ѓорѓиевска Парго, а ќе има и ревија на модната креаторкаи Сара Реџиќ – Студио Сари Г, изложба на накит на Емануела Трајчевска, изложба на делата на ликовните уметници Јана Манева Чупоска, Иванка Баскар Апостолова, Тони и Еми Тоциновски, Лара Ташковска Ларсон, како и изложба на уметничка фотографија на фотографот Цветан Гавровски.