Мегафон

Фестивал на биодиверзитетот: Презентации на храна и вински дегустации во паркот на Франкофонијата

Фестивал на биодиверзитетот: Презентации на храна и вински дегустации во паркот на Франкофонијата

Резервирајте ја оваа сабота (2 јули) за настанот што се вика „Фестивал на биодиверзитетот“ кој ќе се случува во паркот на Франкофонија, во периодот од 10:00 до 18:00 часот.

Настанот е замислен како неформално дружење, можност цел ден да сте на отворено, во парк, а притоа да дознаете многу работи за нашите автентични овошја и зеленчуци, традиционалните сирења, џемови, месни производи, тартуфи, масла, ракии, пива, вина.., истите да ги пробате и се разбира, да ги препорачате на своите пријатели.

Настанот, по втор пат го организира Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство а целта е да им се помогне на локалните производители кои ја почитуваат животната средина.

Фестивалот на биодиверзитетот почнува во 10 часот, со изложбен и продажен дел на триесетина локални производители на храна, вино и пиво. Слоу фуд во своите редови ги има најдобрите производители на храна, кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна.

Днвната агенда е следна: од 12 часот е официјалното обраќање на претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а потоа и на Василка Стефановска – претседател на Слоу Фуд Водно. Еден час подоцна е презентација на програмата -Слоу Фуд Училишни градини со Билјана Митреска – координатор во Слоу Фуд Водно.

Во 14 часот следи промоцијата на Слоу Фуд Гостилници и Слоу Фуд Вино, кои во меѓувреме станаа вистински водичи за добра храна и вино во нашата земја. Промотори се новинарката Валентина Вања Тодоровска и Николче Николовски.

По дегустација на вина од малите семејни винарии, „сцената“ е за Шеф Зоран Мајновски, член на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија, кој ќе подготвува гастрономски специјалитети со намирници од локалните производители.

To top