Мегафон

„Фанфари за еден пријател”- концерт посветен на Саша Николовски – Ѓумар

„Фанфари за еден пријател”- концерт посветен на Саша Николовски – Ѓумар

„Фанфари за еден пријател” е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток, 04. февруари 2021 година  во 20 часот, кој Филхармонија му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот реализираше низа незаборавни концерти. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела на Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и младиот македонски композитор Ангел Спироски.

„Фанфари за обичниот човек” е едно од најзначајните концертни „увертири” на американскиот композитор Арон Копланд (1900 – 1990). Делото го напишал по повод завршетокот на Втората светска војна, а се водел од идејата да создаде дело во кое фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст. Композицијата „Фанфари за Ла Пери” на францускиот композитор Пол Дика (1865 – 1935) ја следи мистериозна генеза – како што напишал Пјер Лало, таа може да биде музика за пантомима, за балет… Дика примарно ја напишал за руската танчарка Наташа Труханова, „архангелот” како што ја нарекувал. Композицијата има фантастична тематска структура и веднаш по премиерата била позитивно оценета од француската критика.„Фанфари за измачените”од младиот македонски композитор Ангел Спироски претставува траорен повик за спротивставување на нелогичностите.Тоа се фанфари базирани на една македонска народна песна чија содржина, земајќи ја предвид повторливоста на настаните поврзани со македонскиот народ, се чини секогаш и одново се актуализира.„Фанфари за измачените” (“FunFare for the struggled”) е дело нарачано од шеф-диригентот на Македонската филхармонија – Габриел Бебешелеа, а посветено на Филхармонијата.„Мала симфонија” на францускиот композитор Шарл Гуно (1818 –1893) е напишана за девет дувачки инструменти и таа струкутрно ја следи класичната четириставна матрица.На концертот „Фанфари за еден пријател” ќе се промовира серијата „Пред концертни разговори” како нова практика на Филхармонија.

Идејата потекнува од новиот шеф -диригент, маестро Габриел Бебешелеа чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата кои ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции.

„Пред концертни разговори” ќе се реализираат во рамки на концертите со оркестарот на Филхармонија кои ќе ги води маестро Гарбриел Бебешелеа.

To top