Музичкиот натпревар Евровизија следната 2021 година сигурно ќе се одржи.

Полуфиналните вечери се резервирани за 18 и 20 мај, а финалето ќе се одржи на 22 мај кога ќе биде прогласен и победникот. Следната година домаќин ќе биде Холандија, а музичкиот спектакл ќе се организира во Ротердам.

Холандија победи на овој музички избор во 2019 година, но поради коронавирусот оваа година натпреварувањето не се одржа.

На официјалната страна на Фејсбук на Евросонг е објавено дека идната година на натпреварот учество ќе земат 41 земја.

Организаторите се подготвуваат за четири можни сценарија на одржување на Евровизија, во зависност од ситуацијата со Ковид-19.

Сценарио А: Нормално одвивање на натпреварувањето

Сценарио Б: Натпреварување со одржување на физичка дистанца од 1,5 метри (вклучително и за публиката)

Сценарио В: Натпреварување во услови на рестрикции на патување (ако некоја делегација нема да биде во можност да дојде, настапот ќе го реализира од својата земја;  салата ќе биде со ограничен капацитет за публика)

Сценарио Г: Целосно затворање на Холандија (доколку ова се случи сите натпреварувачи ќе настапуваат од своите земји)