Мегафон

Еве кој е во нашето стручно жири за „Евровизија 2019“

Еве кој е во нашето стручно жири за „Евровизија 2019“

За членовите на жирито важат следните правила и критериуми:

  • Ниту еден член не треба да бил дел од жирито во претходните две години;
  • Секој член треба да има наполнето минимум 16 години на денот на гласањето;
  • Во жирито не треба да има повеќе од еден вработен во националниот сервис на земјата;
  • Членовите на жирито треба да имаат солидна музичка/уметничка позадина и релевантно професионално искуство (како што е пејач, музичар, композитор, текстописец, професионалец во полето на телевизијата или радиото, музички критичар/експерт, танчер или кореограф);
  • Членовите на жирито треба да бидат граѓани на земјата што ја претставуваат;
  • Ниту еден член од жирито не смее да биде поврзан со песните или изведувачите што се натпреваруваат на начин што ќе им влијае врз гласањето.

Членовите на жирито ги одбира националниот сервис во секоја земја, така што кај нас изборот го прави МРТ. Нашето жири годинава го предводи претседателката Сузана Стефановска, музичка уредничка и водителка во МРТ – Радио 2, а заедно со неа своите гласови ќе ги дадат и виолончелистката и пејачка Фјола Исмаили, поп-пејачот Роберт Вукелиќ, диџејката Христина Мицковска и авторот и пејач Александар Митевски. 

Тие се дел од вкупно 205 членови на жиријата годинава, а во случај некој член да биде спречен да гласа од која и да е причина, секое жири има и по еден резервен член. Најмладиот член на евровизиските жирија годинава има 16 години и доаѓа од Малта, додека настариот, 82-годишен член е од Хрватска. 96 членови од жиријата се жени, додека 109 се мажи. Меѓу нив има и изведувачи од претходните години, како што се минатогодишните претставници на Хрватска и на Србија – Франка Бателиќ и Александар Сања Илиќ (Балканика), во српското жири се и Леонтина Вукомановиќ, Александра Милутиновиќ и Воја Аралица, а дел од британското жири е познатата пејачка Софи Елис – Бекстор.

Евровизиската недела ќе биде официјално отворена утре, а трите фестивалски вечери нè очекуваат во вторник, четврток и во сабота. Нашата претставничка Тамара Тодевска настапува во втората полуфинална вечер на 16 мај, под реден број 17.

To top