На социјалните мрежи е покрената иницијативата ,,Музика – сега” на која се приклучија околу 1.400 музички работници и тие бараат средба со владата, односно со надлежните кои ги носат мерките за заштита од корана епидемијата, обвинувајќи ги за селективност во превентивата, при што музичарите, естрадните уметници и нивната дејност се соочуваат со тешки егзистенционални проблеми, бидејќи се оневозможени да работат и спречени да заработуваат, а со тоа им е загрозена нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства.
Иницијативата за враќање на музичките настани на музичарите и музичките работници „МУЗИКА – СЕГА!!!“ и нејзините (до денеска вклучени) 1.400 членови, најостро реагираат на последните одлуки на Владата, објавени во последниот Службен весник, објавен на 23 јуни 2020 година, со кој сè уште се забрануваат секаков тип на организација на музички настани на отворен или во затворен простор во угостителските објекти за исхрана и покрај фактот што последните 15-ина дена, се донесени многу мерки со кои се укинуваатт претходните ограничувања за добар дел од секторите од индустријата (барови, теретани, казина, отворање на границите без потребни ПЦР тестови и задолжителна самоизолација и сл.), соопшти преку „Фејсбук“ музичарот и фронмент на „Суперхикс“, Петар Младеновски, а него го подржаа уште стотици други негови колеги.
Истата одлука се содржи во член 15 од делот кој се однесува на угостителските објекти за исхрана. Во писмото со протоколите кое е објавено пред некој ден од самата Иницијатива се предложени многу мерки, во согласност со препораките на СЗО и локалните релевантни фактори за зачувување на општото здравје и спречување на ширењето на вирусот Ковид 19 а со цел – итно враќање на музичките настани под одредени протоколи! Бараме итна средба со одговорните за носењето на мерки и одлуките со кои е направен овој пропуст кој оди директно на штета на илјадници музичари и музички работници кои деновиве со борат со проблеми од егзистенцијална природа по затворањето или ограничувањето на можноста слободно да работат и заработуваат а директно поврзано со донесените рестриктивни мерки и нивното олеснување , за кој, очигледно за сега- се нема слух! МУЗИКА – СЕГА!, порача Младеновски од името на иницијативата.
„Влада и компанија луѓе/нелуѓе, дали малку ја чукнавте главата дека раниме фамилии??? Претеризам е ова! – напиша музичарот Дејан Младеновски, инаку тапанар на „Браво бенд“, чија реакција на социјалните мрежи е само една од низата на музичарите во врска со забраната за организирање музички настани и во отворените и во затворените делови на објектите.
Ова се само некои од македонските музичари и естрадни уметници кои ја поддржаа иницијативата ,,Музика – сега”, а кои живеат и егзистираат од музиката, при тоа обезбедувајќи и егзистенција за своите семејства. Повеќето од нив немаат друга професија, ниту друга работа… А нивниот список е долг… Брои илјадници!