Роџер Федерер го одигра својот последен натпревар. И тоа во високото друштво. На збогувањето присуствуваа сите кои владееја со светот на тенисот во последните децении, а кога еден од најголемите играчи во историјата ќе се збогува со рекетот, тогаш солзите и цел огномет од емоции се во ред.
Аплаузите наизменично се менуваа со смеа на натпреварот во лондонската сала, но бодовите беа во втор план. Впрочем, Лејвер Купот е егзибициски турнир.
Сепак, овогодинешното издание е посебно и за него и долго ќе се зборува. Неколку секунди по постигнувањето на последниот поен во својата повеќе од успешна кариера, Роџер Федерер се расплака.
Плачеа сите присутни, и луѓето од публиката и колегите на Федерер. Во тој момент на терен слезе и неговата сопруга Мирка да го утеши.
Додека славниот Швајцарец седеше до Рафаел Надал и плачеше со него, емоциите го обзедоа и Новак Ѓоковиќ потпрен на столот на Роџер. Потоа следеа прегратките…
Тројцата господа, тројцата најголеми ривали, покажаа колку се почитуваат, но и зошто тенисот се нарекува бел спорт.
фото:Getty Images