Елтон Џон официјално ја заврши својата проштална турнеја „Farewell Yellow Brick Road“ во Стокхолм.
Турнејата траеше речиси пет години и опфати 333 концерти, пренесува NME.
На настапот во Теле2 Арената во главниот град на Шведска, Елтон Џон како последна нумера ја отпеа неофицијалната химна на турнејата – „Goodbye Yellow Brick Road“. Пред почетокот на песната, англискиот музичар одржа говор пред околу 45.000 луѓе во публиката, заблагодарувајќи им се за поддршката во текот на неговата кариера.
– Имав прекрасна кариера. Педесет години чисто уживање во музиката, па колку сум јас среќен човек? Немаше да бидам овде да не бевте вие. Купувавте синглови, ЦД-а, албуми, касети… А што е уште поважно, купувавте билети за концерти. Знаете колку сакам да настапувам и концертите ми беа моја линија на животот. Бевте феноменални, порача 76-годишниот пејач.
Песната „Goodbye Yellow Brick Road“ е издадена во 1973 година и беше втор сингл и насловна песна од седмиот студиски албум на Елтон Џон. Таа стигна до првите 10 на топ листите во Велика Британија, САД, Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Норвешка и Јужна Африка.
Фото: Принтскрин/Тони Норкус/Јуи Мок