Коронавирусот го смени светот и животот во него… веројатно засекогаш. И нипшто повеќе ниту е, ниту ќе биде исто, уште помалку поубаво од претходно… наместо напредок – уназадување, наместо прогрес – регрес, наместо живот со стил – едвај живот… Стилот само ќе го сонуваме и со носталгија ќе се сеќаваме на него и тоа по се’ изгледа уште долго време.
На сите ни е тешко, особено на оние кои беа навикнати на малку „полабав и полагоден“ живот од другите, а имаа можност, умеење, знаење, снаодливост… или што ли веќе, да си го приуштат. „Избраните“ се’ уште ќе можат да го прават тоа, секакоп во затворени кругови, ама тие се малку. Ние останатите – снајди се па живеј… на нов начин, со нов животен стил, кој принудно ќе мора да го изградиме одново, од почеток!
Една од оние чија емисија не само фигуративно го имаше тој наслов, туку и самата се обидуваше и воглавно успеваше да живее „Живот со стил“ е и водителката Елена Стефановска. Русокосата ТВ барбика не само што со стил низ својата емисија ги водеше гостите, извлекувајќи од нив и тие да го покажат својот животен стил, туку со начинот на облекување, однесување, посетата на егзотични дестинации, луксузни ресорти, скапи патувања, модерен аутфит… изгради имиџ во очите на својата ТВ публика на вистинска „дама со стил“.
Корона карантинот и го промени животот, забави кариерата, ама не и стилот… Убавото време ја намами водителката онака средена, апдејтирана, намонтирана со новите нокти, модерно дотерана да излезе да прошета… Носталгијата по навиките да се пие кафе во дневната скопска шема и покрај тоа што кафулињата се’ уште се под клуч!
„Сакам кафе, сонце, летна тераса, сакам луѓе наоколу, да уживаме сите заедно на сонце! Од ова сите ќе излеземе посилни. И повторно… Скопје радост ти ќе бидеш!“ – напишала Елена покрај споделената фотографија на која седната на клупа карши закатанченото кафуле во Центарот на македонската престолнина, го пие своето „нескафе за носење“ впивајќи ги пролетните сончеви зраци!
Од „живот со стил“, до живот на клупа… Принудно, и веројатно уште не за долго, ама…
Ако во иднина треба вака да изгледа „стилот на животот“, веројатно кафето повеќето од нас ќе го пијат дома… Зашто, ако нема социјална дружба по сопствен избор, а не со наметнати правила и норми, нема ни лезет, ни атмосфера… Едвај ќе има живот, а стилот ќе може само да го сонуваме. И ние и водителката… А и вакво Скопје, и не само Скопје, тешко дека радост пак ќе биде(ш)…!?