Мегафон

„Ѕуница“ фестивал во Миравци

„Ѕуница“ фестивал во Миравци

Доколку овој викенд ве нанасе патот кон југот на Македонија не пропуштајте ја можноста да бидете дел од првото издание на музичкиот фестивал “Ѕуница фестивал”, кој на 21-ви и 22-ри август (сабота и недела) за прв пат ќе се одржи во прекрасните предели на “Белиот рај”, крај питомото Миравци.

На овој автентичен летен фестивал, прв од ваков тип, уметници од различни возрасти ќе творат во природа слушајќи музика од различни музички правци, и тоа во различен временски интервал.

Како што вели организаторот на овој музички фестивал, миравчанката Моника Јовановска дипломирана новинарка и организатор на повеќе музички настани во земјава и странство, овој фестивал ќе биде насочен кон промовирање на современата уметност и афирмација на електронската музика. Оваа млада девојка зад себе има доста признанија за нејзината работа како новинарка, но и како организатор на поголеми музички настани меѓукои ќе ги споменеме промо забавите за познати европски транс фестивали, серијалот забави со старата скопска чаршија… Таа во последниот период живее во Малта каде организира концерти и изложби во соработка со најстариот малтешки културен центар.

Таа за нејзиниот најнов проект “Ѕуница фестивал” вели:

„Пред се ви благодарам на интересот за првото издание на “Ѕуница фестивал“. Јас организирам музички настани веќе 5 години во Македонија и Малта (каде што живеам), па ете се решив да направам и фестивал на модерна музика и уметност во мото родно место Миравци, кој планирам да се одржува секоја година. Идејата за овој проект израсна од идејата за уникатен фестивал, кој ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за автентичен летен фестивал во прекрасниот јужен предел на Миравци, и ќе ја потврди и оправда иницијативата на најдобар можен начин. Ова ќе биде фестивал на кој благодарение на многубројните фанови и најдобрите артисти од локалната, регионалната и светската музичка и уметничка сцена, секоја година ќе се собираат во одличната атмосфера на „Белиот рај“, ќе создаваат цртежи, слушајќи музика и ќе се исполнат и себе и присутните млади со позитивна енергија. На нашите простори се нема одржано фестивал од ваков тип до сега , каде што уметници од различни возрасти ќе можат да творат во природа, слушајќи музика, и сета таа музичка вибрација ќе ја пренесуваат на своите платна и цртежи. На крајот од фестивалското дружење планирано е да се разгледуваат уметничките дела и на панел дискусија ќе се разговара за тоа како различните музички правци делуваат врз креативниот процес кај уметниците, и која е конекцијата помеѓу музиката и уметноста. Целта е да се поттикне креативниот дух кај граѓаните, да се спојат креативците од различни области, да се информира и едуцира младината за значењето и важноста на меѓусебната соработка, како и унапредување на комуникациските вештини преку учење на нови и интересни алатки”, вели организаторот на “Ѕуница фестивал“, Моника Јовановска.

„Бел Рај” Миравци е локацијата каде што ќе се случува првото издание на „Ѕуница Фестивал“, и целиот простор ќе биде декориран со рачно изработен декор од страна на Борис Петровски и неговиот деко тим Afadrenalin.

На првиот фестивал ќе творат уметници, а ќе има музички настапи на: Роботек, Томи Бојаџи, Иван Пеев, Меланге, Nemanja Dinic Dinke, Андреја Салпе, Defect 13th, Galactic Explorers, Kox, Morning Delusions, Bad Juju, додека музичките миксови за дневната програма на која впрочем ќе цртаат уметниците се од: Горан Кан, In Spirit, Abdy, Мирко Попов и Ален Хаџи-Стефанов.

Во реализација на овој фестивал помагатели се Општините Гевгелија, Валандово и Дојран. Влезница нема да се наплаќа, а се што треба да направат посетителите е да донесат со себе само позитивна енергија и добро расположение за слушање одлична музика.

Извор: ТВ Нова – Гевгелија

To top