Распишаниот конкурс за идејно решение за некаков „културен парк со летна сцена“ на местото на „Универзална сала“ која во тој случај би била урната, што градската власт на чело со скопскиот градоначалник Петре Шилегов неодамна го пушти за да го „опипа“ пулсот на јавноста, очигледно им се „дупна“ уште уште при самото лансирање.
Јавноста едноставно експлодираше жестоко застанувајќи во одбрана на културниот скопски храм, на светилиштето на уметноста кое очигледно скопјани, и не само тие, немаат намера да дозволат да биде срамнето со земја и заменето за зелена трева. Илјадници обични граѓани уште при самата помисла за уривање на „Универзална сала“ категорички му рекоа НЕ на Шилегов. Најпрвин преку социјалните мрежи и медиумите, а сега и преку граѓанската иницијатива насловена: „Солидарни за срцето на Скопје“ која осамна на Фејсбук страницата „Градот убав“.
Граѓаните, сите добронамерници, се повикуваат во четврток, на 6 август 2020 година, во 20.00 часот да се соберат на протест пред платото на „Универзална сала“ во што поголем број, за и јавно да му пратат порака на скопскиот градоначалник и неговите градски чиновниици, дека скопската и македонска „лулка на културата“, тој „храм и светилиште на уметноста“ нема да дозволат да биде жртвуван заради личните бизнис интереси на урбаната мафија!
Рамнодушни не останаа ниту истакнатите музички, естрадни, драмски, балетски, фолклорни…. уметници, автори, културни дејци, организатори, ивент или културни работници… кои оставиле дел од својот живот, работа и кариера во таа сала или својата егзистенција ја обезбедувале токму преку организацијата или непосредното учество на разни соллистички или групни настапи на нејзината сцена.
Колку е „сулуда и промашена“ воопшто и помислата, а камо ли идејата или решението за уривање на „Универзална сала“, покажува и фактот што дури и „нивните“ застанаа против нив!
Така, реномираниот македонски режисер Александар Поповски, кој важи за поддржувач на СДСМ и актуелната власт од која дури беше и поставен за претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар (МНТ), но, набргу потоа, како што објави на прес конференција, не сакајќи да биде дел од тонењето на оваа институција, си даде оставка и замина за Марибор – Словенија, каде стана уметнички директор на драмата во мариборското „Словенско народно гледалишче“, на својот Фејсбук профил напиша:
Емотивно помнење или бројки и сметки
„Моментот со Универзалната сала е нешто што му припаѓа на просторот на емотивното помнење. Тоа е за мене многу посилно од сите аргументи базирани на бројките и пресметките со кои се оправдуваат идеите за уривање или преместување на Универзалната сала. Тие емотивни моменти ги создаваат легендите и митовите. А легендите се важни затоа што од нив се направени приказните. А без приказните нема за што да раскажуваме во часовите додека седиме собрани околу огнот. Затоа не се согласувам со никакво рушење на приказната. Таа приказна зборува за еден момент кога светот беше солидарен со несреќата која го задеси малиот град Скопје и неговите жители. Таа е првата компонента на емотивното помнење. Втората е она со што сиве овие години беше исполнета Универзаланата сала. Сите оние момементи споделени со сите оние уметници кои настапија во тој простор. Заедно овие две емотивни помнења или приказни го прават овој објект посебен и како таков единствено што можам да прифатам е негова реновирање.
Како дете кое паднало во кал, да се избања, исчисти, дотеар и исчешла. Тоа е се што на Универзална сала и е потребно“.
Извор и фото: Фејсбук