Посетата на папата Франциск на Скопје беше светски настан број еден. Особено за нас, па националниот сервис со над 50 камери и 5 репортажни возила го следеше и пренесуваше секој негов чекор.
Ама она што ни бројните камери не успејаа да го забележат, а ги зовре социјалните мрежи, беа двата национално-социјални феномена: Дунавка Трифуновска и Боки 13. Ѕвездите од спектаклот при посетата на Папата.
Дунавка го разби митоит, ги скрши табуата дека Папата е недопирлив. Напротив, го бркаше за селфи, па откако (не) успеа, проба и успеа да го допре… И тоа пред сите. И пред фотообјективите и камерите! До душа Папата остана ладен на нејзините допири, ама сепак… Дунавка да си проба. Па ако биде, ќе биде, ако не…
Тука и се социјалните мрежи за да ја сплете својата приказна, својата визија за нејзината средба со главата на Светата столица: „Јас и Папата“… во „Приказните од Ленинова“! Со особен акцент и интерес на поглавјето од „нивната можна тајна средба“… Насамо!
Зашто за Дунавка не важат ни безбедносни процедури, ни ватикански протоколи… Ма, за неа ни Устав не важи!
И додека Дунавка ги крие фотографиите од селфито со папата, Боки 13 прв ги покажа на мегдан! Него му успеа да го има на иста селфи слика со светиот отец од Ватикан!
Иако Папата не се гледа на сликата, Боки ја закачи на социјалните мрежи, бидејќи ги исполнува неговите егокритериуми – тој е во гро план, па за Папата – небитно… – напишаа домашните портали!
Она што сите го знаат дека папата Франциск е скромен човек, па додека уште не бил папа во родниот Буенос Аирес во Аргентина, се возел исклучиво со градскиот превоз.
Она што никој не го напиша , а ни камерите на МРТ не го забелажаа е дека покрај папамобилот и во Скопје Папата се возеше со јавниот превоз на ЈСП. Што? За Дунавка и Боки 13 верувате, а за ЈСП, не?
Епа драги наши еве го крунскиот доказ. Да, Папата се возеше со автобусите на ЈСП. Исто колку што пред него се возеа, Лени Кравиц или Лепа Брена, да речеме… Или колку што Дунавка можела да се сретне насамо со него, а Боки 13 да направи селфи „образ до образ“, одблизу!