Два дена е блокирана автобуската станица во населба Лисиче од паднато големо дрво кое службите изгледа не најдоа време да го отстранат. Дрвото се урнало при последното невреме кое беше пред две вечери и за среќа никој не бил повреден.
Утрово на автобуската станица пред трговскиот центар во населба Лисиче, граѓаните коментираат дека општината треба нешто да превземе бидејќи дрвото им пречи, а службите два дена седат со скрстени раце, ниту излегоа на терен, ниту наредија отстранување на дрвото – пишува порталот Курир.мк, предупредувајќи од опасноста и потенцирајќи за негрижата неспособноста на општинските власти да си ги решаваат тековните проблеми и потреби на граѓаните, кои за тоа ги плаќаат.
Од друга страна во населбата Јане Сандански – еколошка касапница. Карши поликлиниката во Аеродром глетка како да сте во пилана. Исечени дрва, нафрлани трупци насекаде, чиниш си на пункт за продажба на огревно дрво… Причината – наводно им пречеле старите липи за да го градат планираниот кружен тек… Така барем се слуша меѓу граѓаните кои живеат во блиската околина.
Ама што и да се случило и што и да прават и во едниот и во другиот случај, дрвата си останаа ничкосани среде улица. Едното од невремето, другото од пилите на општинските сечачи на СДС…
А што да се прави, кога „дрво си е дрво“… општинско!