-Самото повлекување на забраната на ЗАМП за емитување македонска и музика од регионот беше „настан за себе“ на почетокот на годината! Забраната ја тргнаа, а чарето не го најдоа! Остана само штетата од терањето хирови заради лични интереси на мала група…!
-Во 2017 некако како да се одбивме од дното, па работите тргнаа нагоре… кон површината. Естрадата почна да се буди, имаше убави песни, иако институциите затаија. Се’ уште нејасно и прецизно до крај (не)регулирани авторски права се рана, а изведувачите од домашната естрада и понатму се странци дома во ударните термини на главните ТВ медиуми. Гранд и Пинк ѕвездите блескаат, турските серии царуваат, а нашите се, ако воопшто и се, само „зрно прашина“ во „прајм тајм“ телевизиските термини! Во 2017 ЈУ Тјуб и натаму беше најгледаниот медиум за македонски спотови, за жал!
– Лозано, Лоба, Наташа Малинкова, ДНК, Ај Кју… и уште некои други имаа навистина добри хитови. Некст Тајм уште еднаш покажаа дека се мајстори за обработка на македонската музичка историја, алтернативната сцена стандардно солидна.
– Големите концерти на ДНК и повратничкиот на МЕМОРИЈА докажаа неколку работи: дека умееме, знаеме, можеме… ама и дека имаме публика за големи спектакли!
Барем локални, ако не повеќе. Дека и нашите, а не само регионалните можат да бидат големи ѕвезди, кои полнат големи сали!
– За жал, фестивалите како да се во фаза на стагнација, издишување, па и исчезнување… Скопски го снема, Макфест и Охрид Фест западнаа во апатија и бледило.
– МАРС го дочека јубилејот – 10 години и остана единствената релевантна манифестација која ги вреднува и стимулира протагонистите на македонската музичка естрада. Можеби не со толку големи парични награди како другите, ама статуетката заработена таму вреди повеќе од пари. Зашто е чесно и заслужено добиена. Без, манипулации, местенки, задкулисни игри…
– И конечно, радиостаниците остануваат единствените релевантни и најголеми поддржувачи на македонската музика.
Сите останати се или минорни или манипулатори или „баш ги боли уво“ за македонската естрада!