Мегафон

„Додека мазохистички пимпламе со нашата иднина, неповратно ги губиме младите и работоспособни граѓани“

„Додека мазохистички пимпламе со нашата иднина, неповратно ги губиме младите и работоспособни граѓани“

Д-р Живко Груевски

„Младите луѓе во континуитет заминуваат од регионот и тоа веќе не е ударна вест во медиумите… Минимум еден од тројца млади луѓе на возраст 18 до 24 години, од Западен Балкан, ја потврдува својата подготвеност да ја напушти татковината… Треба конечно да ја разбереме нивната порака, а тоа е дека изборот на дестинацијата покажува точно што им недостига во нивнтото општество… Мораме да гледаме со отворени очи, да ги слушаме внимателно и најважно од се’ – ургентно да дејствуваме за да им дадеме реална „причина“ да останат во својата земја.“ Ова е само мал дел од драматичните пораки кои се слушнаа од генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) на Форумот на младите од ЕУ и Западен Балкан, што неодамна се одржа во Италија. На Форумот учествуваа релевантни претставници од сите 27 земји членки на ЕУ и 6-те земји од Западен Балкан.

Конкретно, што се однесува до нашата држава, последиците од економски мотивираната миграција или од „белата чума“ на 21 век се и повеќе од трагични. Според податоците од ММФ и на Светската Банка, во последниве две децении повеќе од 500.000 македонски граѓани трајно се иселени во економски развиените западноевропски и прекуокеански земји, за да си ја бараат својата среќа. Недостатокот на реални странски и домашни инвестиции генерира хронично ниска понуда на квалитетни и добро платени работни места, чувство на безперспективност, непристојно низок животен стандард кој едвај овозможува само преживување или недостоинствено живуркање без јасно препознатливи можности за прогрес.

Во актуелниве кризни времиња и девастирачките економски и социјални последици од пандемиското „цунами“, енергетската криза, инфлаторните притисоци и загрижувачкото зголемување на трошоците за живот, голем дел од тие што останаа мака мачат да врзат крај со крај и се почесто гледаме разочарани, „зомбирани“ луѓе загрижени за својата, но и за иднината на своето семејство.

Причините ни се добро познати и темелно изанализирани, но не само што ништо конкретно не преземаме за да ги надминеме и за да ги стопираме и избегнеме штетните последици, туку ние упорно триесетина години по ред ги повторуваме.

Хронично патиме од „импотентноста“ на празните ветувања и популистички флоскули заглавени во некој синдром на самоуништување, во говорот на омраза и деструктивните пораки на дежурните кочничари на развојот…

И покрај нашите политички, етнички, верски и културни различности, крајно време е СИТЕ да се обединиме во борбата против економската и енергетска криза, да се обединиме за прогрес, повисок животен стандард, посреќен и подостоинствен живот, или едноставно да се обединиме за ефикасно справување со реалните проблеми во животот на граѓаните!!!

Да бидам конкретен и прецизен – Во актуелниве кризни времиња единствена реална, повторувам ЕДИНСТВЕНА мега странска гринфилд инвестиција која е веќе во нашата држава и е целосно подготвена веднаш да започне со оперативна реализација – е токму Проектот на Еуромакс Ресоурцес и глобалниот деловен гигант Групацијата Трафигура, за современ рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука“!!! Ќе се отворат 3200 нови работни места; инвестициона изградба – буџет од 340 милиони евра; годишен извоз од 200 милиони евра; 24 милиони евра годишно во државниот буџет или кумулативно околу 500 милиони евра во вид на даноци, такси и концесиски надоместок; околу 70 милиони евра секоја година исплатени по комерцијални договори на локалните деловни партнери; зголемување на БДП за дополнителни 4% на национално ниво…

Во спротивно, за жал, сосема извесно е дека државата, односно сите граѓани, ќе се соочат со најцрното сценарио – активирање на подготвениот процес за Меѓународната Арбитража со несогледливо високи финансиски штети но и дефинитивно „патосирана“ репутација на нашата држава како непосакувана и несигурна дестинација за големите странски инвестиции.

To top