На отворањето на Манифестација НКС „Десет дена Крушевска Република“ на 1-ви август ќе настапат 2 оркестри, 4 македонски артисти, заедно со импровизиран напад на градот и читање на Крушевскиот манифест.
Настанот ќе биде отворен на споменикот Илинден во 20 часот со настап на Македонска филхармонија и Македонска опера и балет. Околу 22 часот настанот ќе продолжи на „Гумење“ со настап на Тамара Тодевска, Наде Талеска, Виктор Апостоловски и Викторија Лоба.
„Досега најбогата програма не’ очекува за Илинден и Манифестација НКС „Десет дена Крушевска Република“. На отворањето имаме плејада од македонски артисти и уметници, а во текот на манифестацијата ќе имаме програма за деца, изложба на Зоран Кардула, настап на Дац и Александар, проекција на македонски филмови и друго.“, велат од Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“.
Еден од настаните кој привлекува големо внимание е изложбата на Зоран Кардула која ќе се одржи на 4-ти август во споменик Илинден. Изложбата ќе биде „зачинета“ со ди џеј сет на Томи Бојаџи.
„Star Wars & Makedonium – Изложба на илустрации инспирирани од серијалот Star Wars и вонвременскиот изглед на Македониумот. Отворањето на изложбата ќе биде придружено и од музички дел за кој ќе биде задолжен Томи Бојаџи. Настанот е дел од овогодинешната програма на Десет дена Крушевска Република.“.