Меѓународен ден на жената — светски празник што се одбележува на секоја година на 8ми март. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Негирање на женските права, дискриминација и насилство се дел од работите со кои денес сеуште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса бројките се поразителни и го покажуваат спротивното. Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.
Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажуваат дека вработеноста се карактеризира со многу неповолна полова структура, односно стапката на вработеност во 2017 година кај жените изнесува 34,6 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 53,6.
– Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред сè, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд, велат од Заводот за статистика.
Пониска е и стапката на активност на жените и изнесува 44.3, а забележливо е повисока кај мажите – 69.3.
Жените се уште ретко се одлучуваат и да почнат бизнис и најчесто тоа го прават од потреба. Така, бројот на жени претприемачи се движи околу 30 проценти и најчесто ги има во услужните дејности. Застапени се во микро и малите претпријатија кои имаат мал обрт и профит. Причината за тоа е неможноста да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот и социјалната структура на државата односно немањето доволно услови за социјална грижа за децата и старите лица. Од друга страна и менталитетот кај нас е се уште таков што мажите, за жал, само припомагаат во домашните обврски, а не се грижат заедно со жените за семејството.
– Целта на жените кои започнуваат бизнис најчесто е за да можат да направат економски баланс во семејството, но никогаш не тргнуваат да работат големи бизниси. Нив им е поважно да имаат баланс меѓу фамилијата и бизнисот отколку да се 100 проценти внесени во бизнисот. Тука влијание има социјалната структура на државата односно жената и да сака да биде 100 проценти посветена на бизнисот, нема услови односно нема социјална грижа за децата или за старите лица. Тоа се проблеми кои не и дозволуваат да биде целосно посветена на бизнисот, вели Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека жените се повеќе факултетски образовани од мажите. Така, се повеќе жени се запишуваат на факултет и на втор и трет циклус студии. Главно ги има на општествените, хуманистичките и медицинските науки за разлика од мажите кои повеќе преферираат да се запишуваат на техничко-технолошките науки. Слична е ситуацијата и во средното образование односно женските деца повеќе сакаат да се запишуваат во гимназија, а машките во стручните училишта.
Во однос на процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население нема некои поголеми промени. Така, речиси подеднакво е учеството или изразено во бројки 49,9 проценти се жени, а 50,1 процент мажи. Од друга страна, сепак жените се подолговечни од мажите или поинаку кажано живеат 3,8 години подолго од мажите.
И покрај тоа што бројките за односот на мажите и жените во општеството не бележи некои драстични промени, сепак денеска жените се во центарот на вниманието. Во нивна чест најавени се повеќе настани.
Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права четврта година по ред организираат „Марш за правата на жените“. Годинава, маршот ќе биде посветен на жртвите на родово базирано насилство и според најавите ќе се маршира под слоганот „Ти не си виновна!“.
Историјатот на одбележување на Меѓународниот ден на жената е поврзан со имињата на Клара Цеткин и Роза Луксенбург. Првиот ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.
Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународниот ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
И жените во Македонија го прaзнуваат 8-ми март. А вообичаено на овој ден, сопругот, пријателите, децата, колегите, посилниот пол подаруваат подароци на жените.
Редакцијата на вистина.ком.мк им го честита на жените „8-ми март“ и да продолжат да бидат силни, борбени, професионални, успешни…