Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.
Култот кон Константин и Елена почнал да се шири во IV век, а во црковните песни царот Константин, кој уште се вика и Константин Велики се споредува со светиот апостол Павле. Останал забележан како втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол).
Нивниот заеднички празник се празнува на 3 јуни според новиот, (односно на 21 мај според стариот) календар и во некои краишта се смета за тежок празник. Во Гевгелиско се сметал за тежок празник (аталија) и никој не работел. Се одело на панаѓур во с. Мрзенци. Во Радовиш одвечер оделе во с. Конче, таму во црквата ноќевале и оставале ветени дарови: крпи, кошули, чорапи, или стока: јагниња, телиња и др. Сето тоа се правело за здравје.
Денес именден празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка, Лена…