Со цел да се обрне внимание на страдањата на Сиријците погодени од 11-годишната војна, на иницијатива на локална невладина организација во оваа земја, над 300 деца од северозападна Сирија почнаа свое Светско првенство во фудбал.
На стадионот во Идлиб, младите играчи поделени во 32 тима, кои ги претставуваат нациите квалификувани за СП во Катар, учествуваа на церемонијата на отворањето која посебно го отслика страдањето на децата. Во текот на војната во оваа земја загинаа околу половина милион луѓе, а раселени се неколку милиони.
Натпреварувањето е отворено со натпревар меѓу два тима кои ги претставија Катар и Еквадор, симулирајќи го воведниот меч одигран во Доха, во неделата.
„Тоа е отворање на Светскиот куп во кој учествуваа деца на возраст од 10 до 14 години“, изјави за AFP Виолета Ибрахим Сармини, координатор на невладината организација.
Од 32 тима кои учествуваат, 25 се составени од деца кои живеат во кампови за раселени лица во Идлиб, последното големо упориште на џихадистите и бунтовниците во Сирија. Преостанатите седум се составени од деца кои работат во индустриските зони на регионот.
„Јас ја претставувам Шпанија и се надевам дека наскоро ќе го освоиме Купот“, вели Басел Чејхо, 12-годишно дете кои работи во гаража.
„Покрај желбата да се поттикнат децата да се занимаваат со спорт, овој настан има за цел да го добие вниманието од меѓународната јавност за проблемите на младите раселени луѓе и работниците во групи кои се најмногу изложени на ризици кои понекогаш се фатални“, изјави Сармини.
Светското првенство во кампот ќе продолжи во текот на СП во Катар, а финалето ќе се одржи во кампот во Идлиб.