Дарко – Спејко се’ уште е соло… барем официјално! Откако набрзина влезе во реалното шоу „Задруга“, каде баш и не успеа да се снајде па за неполн месец излезе од него, некако, како да се повлече од јавноста. Последното големо јавно појавување му беше на доделувањето на наградите за „Инфлуенсер на годината“ во почетокот на декември минатата, 2019 година и оттогаша „големиот брат“ како да го снема…?!
Се помалку фотографии на социјалните мрежи, се’ поретко на јавните настани, нема нови љубовни афери, нема нова девојка… Не барем јавно… или за сериозно!
Ама затоа има нов имиџ. Или поточно, Спејко реши да му се врати на стариот изглед. Досега брадата и долгата коса беа неговите обележја, а познатиот кумановец реши еден од заштитните знаци да го врати на старо.
Како некогаш, во времето на „Големиот брат“ или од времето на почетоците на врската со струмичката модна блогерка и инфлуенсерка, Љупка Митрова.
Мажите не се толку многу склони на естетски зафати и хируршки интервенции заради убавина, па наместо естетска, Спејко направи „берберска“ корекција и ја скрати косата.
Одстрана многу кратко – на кец, речиси бричено, а горе со доволна големина…
Со новиот имиџ за оние кои не го паметат од порано, Дарко – Спејко е речиси непрепознатлив, како да е друг човек. Дали проблематичното одржување на долгата коса, потребата за промени од чиста здодевност или некоја женска сугестија го натераа кумановецот да смени имиџ, само Спејко знае!
До душа сега некои велат дека почнаа да заличуваат со Миро Кацаров – водителот на „Бекстејџ“, кој до скоро го негуваше истиот или многу сличен имиџ. Можеби заличуваат, можеби не, ама едно е сигурно: Спејко и Миро „Де Ниро“ не се во никаква роднинска врска!