Кога во ноември минатата 2022 година се прошири веста дека македонската поп пејачка Мартија Станојковиќ и македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов се во љубов, јавноста ја „заскокоткаа“ шпекулацииите за нивната врска, па се чекаше на виделина да излезе доказ. А она што се вели „црно на бело“ бргу се појави, откако една нивна пријателка случајно или намерно сподели фотографија на која Дарко и Мартија во занесот на љубовната еуфорија, страсно се бакнуваат!
Набргу потоа и самата Мартија ја потврди врската појаснувајќи во естрадниот ТВ магазин „Бекстејџ“ дека пејачката паднала на добрата душа на фудбалерот.
И таман новото љубовно поглавје, нова страница во приватниот живот и интимата на пејачката и фудбалерот почна да се испишува, еуфоријата како што преку ноќ избувна, така и преку ноќ се стиша.
Освен веројатно најблиските, јавноста остана „неинформирана“ за тоа како и дали воопшто се одвива врската помеѓу фудбалерот и пејачката. Дали таа се уште трае, како се развива, до која мерка е распламтена старста или можеби се’ беше само еден моментален блесок, едно малечко љубовно жарче кое бргу згасна?!
Старата добра поговорка вели: „Далеку од очите – далеку од срцето“, а токму двајцата експресно вљубени се со километри разделени, зашто Мартија е тука, а Чурлинов игра во Англија за второлигашот Барнли.
Сепак, еден ситен детал како да наговести дека љубовните конци се уште не се раскинати.
Имено вчера, 23 март 2023 год. македонската фудбалска репрезентација во Скопје го играше својот прв натпревар од новиот циклус квалификации за ЕП при што ја победи Малта со 2:1, а токму Дарко Чурлинов го даде вториот гол за Македонија.
Мартија пак, во текот на денот од родното Куманово исто така дојде во Скопје.
Заедно со нејзината мајка Снежана беше присутна на промоцијата на новата песна и спот „Ангел“ на „Либеро бенд“, момчињата со кои често заедно настапува по кафулињата и клубовите низ Македонија.
Чурлинов фотографиите од прославата на постигнатиот гол ги споделил на својот Инстаграм, а токму мајка Снежена беше онаа што меѓу првите му ги лајкна.
Дали беше присутна на арената Тодор Проески да го гледа натпреварот, Мартија не обзнани… Обзнани дека со колегите вечерта ја минала забавувајќи се во еден скопски ноќен клуб каде музика пушта ДЈ Шорти – како што му е вториот уметнички прекар на Панчо од „ДНК“!
Чурлинов таму не го видовме… Не барем на фотографиите, а со оглед на строгите карантински правила кога е во прашање фудбалот и репрезентацијата, веројатно и не бил.
А, дали Мартија и Чурлинов се виделе или допрва ќе се видат за време на неговиот престој во Скопје и дали воопшто се’ уште се во љубов?
Одговорот го имаат само тие двајцата… И веројатно мајка Снежана!
Фото: Инстаграм принтскрин/churlinov7/martijastanojkovic