„Браќата Нуне“ односно Филип и Раде Нуневски, минатата недела го промовираа своето првенче, албумот насловен „По патот“. Во хотелот „Квинс“, пред многу гости, соработници, новинари, пријатели, се одржа промоцијата каде Филип и Раде отсвиреа во живо и дел од музиката на албумот, а водители беа Лила Стојановска и Ване Маркоски.
Овој албум е прв солистички и авторски на браќата Нуне. Во него се појавуваат и соработници и гости како Светолик Нуневски ,Милан Завков, Милан Кацарски, Николче Мицевски, Златко Миладиновски, Војче Петрушев, Никола Митровиќ, Али Латифов, Далибор Ефтимовски, Дејвид Демир и Горан Гешовски, воедно и продуцент на овој албум.
„На овој албум е работено повеќе од една година и се состои од 11 композиции. Очекуваме истиот да наиде на добар прием oд публиката“, велат браќата.
На промоцијата гостите имаа можност да го набават новиот албум, кој веќе е во продажба, а со средствата собрани од истиот, Филип и Раде ги израдуваа дечињата од „СОС Детско село – Македонија“ со новогодишен подарок. Пред овој прв солистички албум, најзначајна за нив е и соработката во оркестарот на Есма Реџепова.