Радио Милева
нека се множат...

Борко Ристовски славеше роденден: „Мала торта за голема бројка на години“ (ФОТО)

Борко Ристовски славеше роденден: „Мала торта за голема бројка на години“ (ФОТО)

Денот што го чекаме цела година е еден од оние посебните… Нему најмногу му се радуваме, особено кога сме помали. Додека сме деца едвај чекаме да дојде, зашто со него доаѓаат и честитките, убавите желби, подароците, ни доаѓаат другарчињата на прослава… Па не е секој ден роденден, нели?

Кога малку ќе подпораснеме или ќе станеме сосема зрели и возрасни, работите малку и како да се менуваат. Не дека  радоста за секоја нова дочекана година не е голема, ама сепак не е исто… До душа, за кого како!

Еден од оние познатите Македонци што деновиве славеше роденден беше и „министерот за одбрана“, како што го нарекуваат нашиот легендарен ракометен голман Борко Ристовски, кој откако стави крај на играчката кариера стана дел од раководните струкури на РК Вардар 1961 и однеодамна е нов Извршен директор на клубот.

РК „Вардар“ му бил и му е и секогаш ќе му биде во срцето, но сепак роденденот е повод кој се слави малку поинтимно, со најблиските во семејството. Така барем одлучил Борко, да го одбележи овој ден, кога го славеше својот 41-ви роденден.

Со најмилите, сопругата Нина, синчето Душан и малечката ќеркичка Анастасија која кон крајот на јануари 2024-та допрва ќе полни една годинка, Борко ги дуваше свеќичките на тортата среќно влегувајќи во прегратките на  41-вата.

„Мала торта за голема бројка на години! Немам што да додадам. Трудете се секој ден да бидете што е можно подобри луѓе, простувајте и уживајте во животот затоа што реприза нема ! 41 година, а се осеќам како 25“ – напишал славеникот покрај фотографиите со семејството кое се збрало на свечениот чин.

Чувството е индивидуално, во зависност кој како ги доживува годините, но затоа едно нешто е единствено: Радоста кога го дочекуваме секој следен роденден , живи и и здрави, среќни, весели, особено во кругот на најсаканите… А годините? Ма, само нека се множат!

Фото: Инстаграм/borko12ristovski

 

Останати вести од Радио Милева