„Парите од ‘Рекет’ барајте ги кај Зоран Заев и Вице Заев“ – рече осудениот Бојан Јовановски денес во судот.
„Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија. Донесовте политичка одлука. Рекетираните пари барајте ги кај Зоран и Вице Заев“ – кажа Јовановски по што судијката му рече дека ќе побара да биде изнесен надвор, доколку не зборува за пресудата.
Тој во своето излагање во врска со барањето да оди во домашен притвор, рече дека знае дека судот нема да му го одобри барањето.
„Сметам дека притворот кој што ми беше определен беше тенденциозен. Нема да се дадам во бегство. Едвај го чекам први јули, едвај чекам да дозволите да отидам во ЈО овие денови да ги пријавам сите кривични дела за сите вистински сторители на кривични дела. Знам дека ќе ми го продолжите притворот поради тоа што така ви е наредено“ – кажа Боки-13.
За момент од судијата во случајот беше побарано Јовановски да биде изнесен од судот.
Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева денеска ги слушнаа пресудите за случајот „Рекет“.
Јовановски за двете кривични дела е осуден со две затворски казни од по 5 години или единствена казна затвор од 9 години, сметајќи го времето поминато во притвор.
Судот ја осуди Јанева на 7 години затворска казна сметајќи го времето поминато во притвор.
Јовановски беше присутен во судницата, а Јанева не присуствуваше на изрекување на пресудата по нејзино барање поради семејни причини.
Извор: Курир.мк