Близнаците од дуото „Некст Тајм“, браќата Мартин и Стефан Филиповски покрај тоа што се одлични музичари, познати, признати и популарни естрадни ѕвезди, годиниве наназад покажаа дека се и големи патриоти. Вистиски родољуби кои си ја сакаат својата татковина Македонија, а таа љубов и патриотските чувства на најдобар можен ја преточија во своите преработки на старите македонски народни песни, вдахнувајќи им нов, современ дух на времето, но правејќи ги и паметник кој им ја доближува не само музиката, туку и македонската историја на новите генерации.
Она што како последно осамна на социјалните мрежи на нивниот официјален профил е заедничката фотографија на двајцата „арслани“ со еден од најголемите македонски револуционери, војводата Питу Гули?!
Се разбира дека „временската машина“ на Мартин и Стефан која ги вратила назад во времето се некои од познатите дигитални алатки, со чија помош денес се’ е можно, па и легендарниот македонски војвода од влашко потекло, учесник во македонското револуционерно движење кој загинал на Мечкин Камен бранејќи ја Крушевската Република, да се слика со „неговите другари“ од „Некст Тајм“.
Така близнаците од „Некст тајм“ се најдоа во совршена монтажа, арно ама… со погрешно име!
Имено, под монтираната фотографија на која се заедно со легендарниот војвода пишува: „ПитО ГулЕВ и неговите другари“!!?
Веројатно можете да претпоставите на кој јазик, зашто ТИЕ имаат неодолива желба и потреба да ги прекрстуваат имињата, менуваат и присвојуваат историјата! Жива среќа што натписот како и автентичната фотографија датираат од ОНА време, а монтираните ликови на браќата од ОВА време, инаку и бизнаците ќе беа Мар(т)ин и Стефан Филипови!
Ама за се’ има поправен… или поточно, корекција! Па ако можеле да ги вметнат и интегрираат своите ликови во старата фотографија со војводата Питу Гули, можат да го сменат и натписот под неа. Онака како што реално и вистински тој се вика… Сосе „неговите другари“!
За да не биде: „Нешто ќе те питам бато, чиј војвода беше Питу Гули?“
Фото: Инстаграм принтскрин/nexttimeband/Википедија