Бардот на српската народна музика, легендарниот фолк пејач Предраг Живковиќ Тозовац (85) бил примен вчеравечер, петок, 5.март 2021 год. во КБЦ „Драгиша Мишовиќ“ во Белград со потврден коронавирус и тешка пневмонија.
„Неговата крвна слика не е добра, тој засега е во сериозна состојба, но е стабилен. Пејачот не е ставен на респиратор, но прима терапија со кислород. Неговата состојба активно се следеше во текот на ноќта, лекарите прават сè за да му помогнат, но рано е да се дадат какви било прогнози. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата“ – изјавил за српските медиуми добро информиран извор за здравјето на славниот пејач.
Тозовац е роден во Краљево во 1936 година, од татко Светозар Тоза Живковиќ, по кого го добил прекарот и мајка Будимка, така што малкумина од неговите многубројни обожаватели знаат дека неговото вистинско име е всушност Предраг. Неговата популарност започна во 1971 година, кога го освои „Хитот на летото“ со композицијата „Мирјана“. Следната година, тој повторно победи со песната „Очите на една жена“ и го потврди својот статус на најпопуларен пејач на некогашните ЈУ простори. Во 1972 година, тој ја отпеа песната „Јеремија“, која тогашните комунистички власти ја класифицираа како четничка песна, поради што беше принуден да се засолни кај пријателите во Германија. По две години, тој се враќа во Србија, а властите му го одземаат пасошот, но Тозовац останува миленик на публиката и продолжува да пее, но и да води разни емисии и шоу програми.
Многумина го сметаат за најголемиот господин на српската народна музика, а неговите песни не бледеат со годините, па и денес тие се неизбежен репертоар на сите прослави и свечености, како што се: „Ме чекаше“, „Очите на една жена “,„ Есен во мојата уличка “,„ Лено, Лено Магдалено“, „Празна чаша“…
Во октомври 2012 година тој доби признание за заслужен граѓанин на градот Краљево. На почетокот на оваа година, славниот пејач се ожени со својата животна сопатничка Емилија Мима, и тоа по цели 40 години љубов и заеднички живот.
https://arhiva.vistina.com.mk/radio-mileva/tochno-za-nova-godina-legendarniot-srpski-pejach-tozovac-se-ozeni-na-84-godini/