Мегафон Вечерва

„Балкан Нуево“ од Словенија на Охридско лето

„Балкан Нуево“ од Словенија на Охридско лето

Музичкиот состав „Балкан Нуево“ од Словенија вечер ќе настапи во црквата „Света Софија“ со проектот „Потполно нешто друго“ во рамките на 58. издание на фестивалот Охридско лето.

„Балкан Нуево“ го сочинуваат кларинетистот Горан Бојчевски, Словенечкиот пијанист Јан Север,  Томаж Марчич на хармоника и Јошт Ламперт контрабас.

Дел од програмата се Гудачки квартет од Македонија: Владимир Цветковски – прва виолина, Елена Талевска- втора виолина, Илза Бафтиари – виола и Дејан Теодосиевски – виолончело, а ќе настапи и Димитар Михајловски – соло виолина.

На програмата се: Балкански циркус, Импресија, Подемот, Грешка, Прелудиум за југ, Зајди зајди, Танцот, Клезмер за 2, Мементо мори и Валцерот на седумте велови.

Горан Бојчевски го вбројуваат меѓу најдобрите кларинетисти во светот. Своето школување го започнал во Македонија, додипломски студии завршил во Љубљана, а постдипломски на универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург. Како солист успешно соработува со врвни музичари и институции ширум светот. Изумител е на музичкиот стил „балкан нуево“, кој се потпира на македонската традиционална музика, модернизирана со елементи од класичната и танго музиката.

Јан Север,  е еден од најпознатите словенечки пијанисти на својата генерација. Редовен гостин е на концертни циклуси и фестивали во Словенија, Германија, Португалија и Бразил. Постојан член е на триото Славко Остерц, чија специјалност е изведба на дела на словенечки композитори од 21-ви век. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари, меѓу кои и „Прешерновата награда“ во 2004 година, која претставува највисокото уметничко признание во Словенија.

Томаж Марчич своите дипломски и постдипломски студии по хармоника ги завршил во Германија, во класата на видни професори. Неговата концертна дејност се протега низ повеќе европски земји: Германија, Швајцарија, Франција, Хрватска, Австрија, Италија. Како солист и камерен музичар соработувал со значајни музичари и ансамбли за современа музика. Покрај хармониката, негова страст е и хорското диригирање.

Јошт Ламперт е словенечки контрабасист, кој во својата солистичка дејност ги впишува настапите со Оркестарот на словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија, а соработувал и со Медитеранскиот младински оркестар. Моментално е на додипломски студии на Музичката академија во Љубљана.

МИА

To top