Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божиќ. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.
За добрата вест се наградува, а за коледарите награда е отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.
Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е Бадничкото семејно празнување. Негова одлика е љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.
Затоа на Бадник семејството е Црква. Секоја куќа е Црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од Домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на Трпезата. Како в црква Евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.
И сето тоа со пости, за душа да се гости.
На Бадник завршуваат Божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.
Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор Б’дник, Будник, што значи: Бдеење, Будност, Неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на Денот на Христовото раѓање.
Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.
И Бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но, сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.
Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!
Бадник е роденденската ноќ на Спасителот.
Христос се роди! – Вистина се роди!
За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски