Антонија Гиговска се врати од Романија каде на јубилејното 50. издание на популарниот романски фестивал „Златен елен“ (Cerbul de aur), кој се одржува во градот Брешов, беше една од 18-те странски изведувачи.

Таа на фестивалот го освои 2-рото место и симпатиите како на публиката, така и на жирито.

Талентираната македонска пејачка на сцената во Брешов се претстави со две песни – една романска и познатата „And I Am Telling You“ од култниот бродвејски мјузикл „Девојки од соништата“ (Dreamgirls), чија најпозната изведба е онаа од американската пејачка и актерка Џенифер Хадсон, а дел од изведбата токму на оваа моќна балада можете да видите во видеото подолу.

Она што најмногу го привлече вниманието на македонската јавност од овој настан е заедничката фотографија со светски познатата ѕвезда Никол Шерцингер. Имено, некогашната членка на „Пусикет долс“ беше една од главните ѕвезди во ревијалниот дел на фестивалот, па изгледа дека токму нашата Антонија ѝ била фаворит.

„Ти благодарам за поддршката и прекрасните зборови“, напиша Гиговска споделувајќи ја заедничката фотографија со славната колешка која многу добро знае да препознае што е квалитет меѓудругото и заради нејзиното повеќегодишно искуство како ментор и судија во британскиот „Х фактор“, каде што до победа го доведе и фантастичниот Џејмс Артур. Се надеваме дека Никол неколку корисни совети ѝдала и на нашата Антонија.