Албумот на врвниот македонски пијанист со светскоо реноме Симон Трпчески и пријателите, насловен „Македонисимо“, ќе излезе на 28 август под престижната британска етикета „Лин Рекордс“, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“. Тој беше најавен со синглот „Не си го продавај, Кољо, чифликот (Омаж за Брамс)“.
Албумот е фузија на фолк и класична музика, која ги дефинира неверојатните ритми и прогонувачки мелодии на мојата татковина Македонија, вели Трпчески во изјавата за македонските медиуми.
По идеја на Трпчески, композитор е Панде Шахов, а во изведбата учествуваат и Александар Краповски на виолина, Бугаринот Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев. Светската премиера на проектот се случи на фестивалот во Лудвигсбург, Германија, во мај 2017 година.
Трпчески во моментов е во Софија и заедно со Краповски и Сомов го започнува снимањето на материјалот со дела од Шостакович, а во тек се и завршните подготовки за снимање оркестарско цеде за оваа еминентна етикета“, додава „КултурОп“.