Мегафон

„Охридско лето“ го отвора светски познатата виолонистка Венеса Меј

„Охридско лето“ го отвора светски познатата виолонистка Венеса Меј

Mега популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Уметничка која го носи епитетот светско чудо ќе приреди спектакуларен почеток настапувајќи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет и под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.

Како што најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, на речиси два месеци пред отворањето на фестивалот, со посветена и професионална работа се завршени подготовките во делот на програмата за 59-тото издание.

-Не’ очекува уште едно успешно Охридско лето, богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со Амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани, најави Поповиќ.

Поповиќ истакна дека Охридско лето веќе ги финализира и организациско -техничките работи за подготовка на фестивалските сцени.

„Долни Сарај“, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во Охрид доби нов функционален и модерен изглед со реконструкцијата што се правеше изминатиов период. Сцената претпрпе комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за 10 проценти, како и вградување полиуретански под за подобрување на перформансот но и заштита од атмосферски влијанија. Извршена е и комплетна санација на гледалиштето со што капацитетот наменет за публиката се зголеми за околу 40 отсто. Комплетно санирана е и терасата на „Долни Сарај“ која лежи над самото Охридско Езеро. Неколкукратно е зголемен и капицитетот на електричната моќност со што на овој простор ќе може да се поставуваат настани со најсовремени технички побарувања, рече директорката Поповиќ, појаснувајќи дека целокупниот проект за реконструкција и санација на сцената „Долни Сарај“ вреди 2,3 милиони денари, од кои 1,4 милиони денари ги обезбеди Министерството за култура на Република Македонија преку програмата за култура за 2018 година, а останатите средства, фестивалот ги обезбеди претходно, со цел сцената да добие модерен изглед според сите светски стандарди.

Новина годинава ќе биде и воведувањето туристички водич за уметниците кои ќе учествуваат на фестивалот и ќе се запознаат со културното наследство, но и историските знаменитости на Охрид.

Најавувајќи ги музичките настани на годинешното фестивалско издание, селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов, рече дека и годинава е предвидена квалитетна и атрактивна програма во текот на 40-те фестивалски денови.

-Ќе имаме учесници – уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Би ги издвоил еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск , Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек. Годинава во обемната програма со врвни уметници на „Охридско лето“ ја има и албанската флејтистка Јонела Големи. Публиката ќе ужива и во звуците на пијаното што ќе ги приреди светски познатата уметница Виолета Егорова од Русија, а концерт на фестивалот ќе одржи и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Александер Гаџиев, најави Ристов.

Музичката младина на Македонија и годинава, традиионално, ќе настапи на „Охридско лето“, а на фестивалската програма е и Македонската опера и балет со гала-оперски концерт под диригентската палка на Бисера Чадловска. Во соработка со амбасадите, ќе бидат организирани и традиционалните вечери на Европската унија, Полска вечер, Украинска вечер.

-Посебен предизвик e изборот на концертот што ќе се одржи на 4-ти август по повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“. Оваа година на роденденскиот настан ги имаме уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, виртуози на своите инструменти. Затварањето на музичкиот дел на 19-ти август ќе биде во знакот на jубилејот, 85 години од раѓањето на македонскиот композитор, Томислав Зографски, на кој ќе настапат учесници на македонски уметници, докажани и етаблирани во својата професија, најави селекторот на музичката програма Васо Ристов.

Теaтарскиот дел на „Охридско лето“, како што рече селекторот на драмската програма Александар Поповски, во своето видео-обраќање, годинава ќе биде посветен на човекот којшто е заслужен за генераци и генерации театарски уметници, драмскиот писател и драматург, покојниот Горан Стефановски.

-За него Охридско лето беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно, и мислам дека треба да најдеме начин, и сеуште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас, рече Поповски.

Тој најави дека годинава фестивалската програма на „Охридско лето“ годинава ќе донесе театарски претстави од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и драмски проекти од домашна продукција.

Отворањето на драмскиот дел ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓаат СНГ Драма Марибор, претстава којашто веќе гостува на неколку фестивали, и којашто на фестивалот во Ниш ги освои сите награди.

-Затварањето е со Народниот Театар од Белград, со преставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски, рече драмскиот селектор Александар Поповски.

„Охридско лето“ е еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во семејството на Европската Асоцијација на фестивали(ЕФА). Охрид, следната година, кога Фестивалот Охридско лето слави јубилеј, 60 години успешно постоење, ќе биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, кој брои 23 делегати од цела Европа.

извор:република.мк

To top