На 30-ти април во Младинскиот културен центар ќе се случи третото издание на веќе традиционалниот фестивал „Today it’s all about jazz“!
Годинава, фестивалот кој е во организација на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ), ќе се случува во текот на целиот ден почнувајќи од 15 часот. На сите љубители на џезот и на добрата музика, ќе им биде понудена разновидна, атрактивна програма во која се вклучени настани и за најмладите, за нашата идна џез-публика.
Всушност, годинашниот „Today it’s all about jazz“ ќе почне со интересна работилница за млади под наслов „Џез за деца!“, на која присутните ќе имаат можност да се запознаат со специфичниот инструментариум, како и со дел музиката создавана во различни периоди од историјата на џезот. Проектот подразбира мини-работилници чии носители се истакнати музичари и универзитетски професори: Кирил Кузманов – саксофон, Гордан Спасовски – клавир, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Благоја Антовски – тапани и удирачки инструменти.
Во рамките на фестивалот ќе биде одржана и работилница посветена на творештвото на врвниот американски композитор Макс Роуч (1924-2007), пионерот на бибапот и еден од најдобрите тапанари воопшто во историјата на џезот. Работилницата носи наслов „Drum talk“, а ќе ја води тапанарот и композиторот Дамјан Даневски. Во рамките на работилницата се вклучени изведби на стандардни џез-теми, заедно со Гордан Спасовски на пијано и Кирил Туфекчиевски на бас.
Како дел од програмата предвидена е и проекција на документарен филм, како и врачување на награда за посебен развој на џез-музиката во Македонија. Годинава, наградата ќе ја добие почитуваниот Илија Пејовски, композитор, аранжер, еден од пионерите на џез-музиката во Македонија.
Годинашното издание на „Today it’s all about jazz“ ќе го збогатат и концертите на студентите од Џез-катедрата на Факултетот за музичка уметност, како и на Биг-Бендот на ЗЏМ со извонредниот Џон Илија Апелгрен како вокален солист.
Во рамките на фестивалот, концерт ќе одржи и новиот квинтет „Проект 5“, во кој членуваат извонредните Иван Иванов – тенор саксофон, Армент Џафери – гитара, Џијан Емин – клавијатури / електроника, Оливер Јосифовски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани, а ќе изведуваат дела на Емин и Џафери во нови аранжмани направени специјално за овој состав.
Концерти ќе имаат и фантастичните македонски џез-бендови – „Парусион квартет“ во состав: Дамир Имери, клавијатури, Зоран Костадиновски, гитара, Мартин Јосифовски, бас и Михаил Парушев, тапани, потоа „Боперс“, како и „Сетстат“, кои ќе го промовираат нивниот деветти албум „9IX“ издаден за ПМЏ Рекордс.