На минатогодишното рестартирање на фестивалот „Мел фест“ во Прилеп, најавено беше и ново музичко шоу, како нов и интересен проект за заживување на нашата музичка сцена, зад кој застанаа поп-пејачката Елена Петреска и продукцијата „Томато“.
Проектот насловен „Ѕвезда број 1“ ќе се емитува на 1ТВ, каде што секој ден од понеделник до петок ќе има 30-минутни емисии во чии рамки ќе бидат претставени кандидатите од сите градови. Потоа ќе следат и емисиите на големата сцена во кои ќе се натпреваруваат кандидатите што ќе ја поминат првата селекција. Голема емисија ќе се емитува секоја седмица, во времетраење од два часа, откри Петреска.
Во однос на наградите за најдобрите, предвидено е десет финалисти од шоуто да добијат снимање на песна и видео за истата, а за победникот договор и снимање албум, но листата на награди сè уште не е комплетирана и следуваат многу изненадувања за финалистите.