Колекцијата објавена за етикетата „Croatian World Music“ содржи внимателно избран пресек на нивната долгогодишна кариера, со што „Љубојна“ дискографски ѝ се претставува на пошироката публика во регионот, преку синтеза на емоции, со звукот на радоста и на тагата, еуфоријата, интензивноста и страстите, на нивниот единствен стил, меѓу чил-аут, поп, фанк, соул, џез и фолк.
Опусот на „Љубојна“ го создаваат гласот на Вера Милошевска и композиторско-продуцентската работа на басистот Оливер Јосифовски. Од „Кроација рекордс“, која во земјава се врати по 27 години, најавуваат дека албумот наскоро ќе биде и во музичката продавница „Југотон“.