Македонската поп дива Калиопи Букле која е препознатлива по голем број хитови меѓу кои „Бато“, „Месечина“, „Црно и бело“, „Обои ме“ искрено проговори за денешната Евровизија.
Имено, Калиопи два пати ја претставуваше Македонија на Избор за најдобра песна на „Евровизија“, во 2012 со песната „Црно и бело“ и „Дона“ во 2016.
Пред камерите на „Блиц“, Букле искрено проговори за Евровизијата и нејзината организација.
„На оној кој му пречи, е на погрешно место. Јас тоа не го доживеав така, јас едноставно уживав од првиот до последниот ден во целиот процес, бидејќи не се претставував сама себе, туку и својата земја, а кога ќе ја претставуваш својата земја мораш да дадеш 10 пати повеќе од тоа што си навикнат“ вели Калиопи.
Опи вели дека не постои конкретна шифра за тоа каква треба да биде песната за да има убав пласман на музичкото случување.
„Не постои шифра, не постои рецепт песната да биде ова или она. Не, песната треба да удри од другата страна. Јас мислам дека емоцијата е таа која ги зближува луѓето и да заборават на кој јазик зборуваат“ вели Калиопи.
Оваа година Македонија на Евровизија ќе ја претставува Тамара Тодевска која во понеделник ќе ја објави својата песна.