На 13 декември (среда), со почеток од 19.00 часот во кино „Култура“ во Скопје ќе се одржат две отворени филмски проекции и дискусија во рамките на фестивалот на документарен филм „Movies that Matter“, односно „Филмови што значат“. На фестивалот ќе бидат прикажани меѓународно наградуваните филмови „Што носи иднината“ (What Tomorrow Brings) и „Кој ќе ме сака сега?“ (Who’s Gonna Love Me Now?).
Помеѓу филмовите ќе има дискусија посветена на темите кои ги обработуваат – пристапот до образование, детските права, еднаквоста, ЛГБТ правата и здравјето. На дискусијата ќе зборуваат: Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија, Јована Ананиевска, програмска раководителка во Х.Е.Р.А. и Неда Чаловска, правен советник во Хелсиншки комитет за човекови права. Фестивалот е во организација на Младински образовен форум и Амбасадата на Кралството Холандија.
Програмата на настанот е отворена за сите посетители, влезот на проекциите е бесплатен, а филмовите ќе бидат со превод на англиски јазик.