Вчеравечер, понеделник, 17 декември во 19.00 часот во ресторанот „Фор“ (Four) во Скопје, Викторија Лоба го промовира долгоочекуваниот прв студиски албум во кариерата насловен „Нов свет“ и тоа во две изданија – на Македонски и на Англиски јазик (New World).
Во присуство на, за македонски услови огромен број медиуми, новинари, соработници, пријатели, спонзори… но, не и колеги од естрадата, (кои како по правило кај нас, кога се промоциите на „конкуренцијата“ во прашање, бегаат како „ѓавол од крст“), македонската поп пејачка конечно ја дочека промоцијата на своето прво дискографско издание.
Иако на сцената е повеќе од една и пол деценија, од своите почетоци на Детската евровизија, преку дуото „Табу“, па се до сопствената соло кариера, Лоба навистина долго чекаше и конечно дочека да и се оствари дискографскиот сон. И тоа двоен.
Перфектно спакуваниот производ на двојно цеде во картон пак пакување, го содржи најдоброто од Лоба, музички и продуцентски спакувано за првите чекори во освојување на „новиот свет“. Тоа е она што веројатно и претстои по почетокот на соработката со македонската ДЈ-ка и продудуцент Марга Сол, чија фузија со Лоба дава една друга, поинаква, модерна, светска димензија на нејзините песни и подотворање на можноста да се чукне на оние другите врати, да се зачекори во еден „Нов свет“… свет на мноштвото светски топ листи.
Но, патот до таму е долг и тежок, а ова се само првите чекори… Сепак, за упорните и оптимистите кои при тоа поседуваат и квалитет, сите пазари се отворени, а само небото е лимит!
Како музички продуценти на материјалот се потпишуваат Марга Сол и Роберт Билбилов, а тој е снимен во студијата:„М-Сол рекордс“, „Џаст РБ студио“ и „Јованови“.
Изданието беше најавено со темите „Опиум“, „Херој“ и „Дојди“, ремиксот на „9 работи“, како и соработките со Билбилов и со Тајзи – „Ти си виновна“ и „Каде сме ние“, додека англиската верзија ќе биде целосно изненадување за македонскиот пазар. Дел од материјалот Лоба заедно со Марга Сол и нејзиниот ДЈ сет, претсави во живо и на самата промоција.
Инаку, како што најави и самиот модератор на вечерта – водителот Марко Марк, покрај овие две ќе биде издадена и руска верзија на материјалот, со што Лоба ќе има можност својот „Нов свет“ да го претсави и меѓу својот свет, во земјата на своето раѓање и потекло – Русија!
Се на се’, Лоба можеби долго чекаше на албум, но сега конечно има производ со кој може да направи „чекор од седум милји“ во својата кариера. Ако има која да ја води низ менаџерско-музичките лавиринти, со малку среќа и „поклопување на коцкичките“, можеме многу бргу да добиеме уште едно успешно „наше дете“ надвор од границите на земјава… таму некаде, во… „Новиот свет“!