Мегафон

На ефектите на „Аквамен“ работеле 70 аниматори од македонската компанија „FХ – 3Х“

На ефектите на „Аквамен“ работеле 70 аниматори од македонската компанија „FХ – 3Х“

Седумдесет аниматори од македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „FХ – 3Х“ работеле на филмот „Аквамен“, кој од денеска, 13 декември 2018 г. игра во скопското кино Синеплекс.

Еден од сопствениците на „FХ – 3Х“ и извршен продуцент Кристијан Даниловски вели дека се работело на визуелните ефекти од мај до октомври оваа година и изработиле околу 200 кадри.

„Филмот, исто така, конкурира за номинација за Оскар за визуелни ефекти и се избори да биде на листата со 19 други филмови, од кои Академијата за филмски науки и уметности до крајот на декември ќе избере 10. Номинациите ќе бидат соопштени на 22 јануари 2019“ – вели Даниловски.

Приказната е за Артур, наследникот на подводното кралство Атлантис, кој мора да ја прифати својата улога и да го поведе својот народ против својот полубрат Орм, кој се обидува да ги обедини седумте подводни кралства против надворешниот свет.

„Аквамен“ е долгоочекуван филм за истоимениот суперхерој од универзумот на „Ди-Си Комикс“, во режија на Џејмс Ван. Главната улога ја игра Џејсон Момоа, кој се прослави како Кал Дрого во „Игра на тронови“, а играат и Амбер Хард, Вилем Дефо, Патрик Вилсон, Долф Лундгрен и Никол Кидман.

To top