На 13-ти декември во 19:15 часот на сцената на кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи премиерата на куклената театарска претстава „Месечиново“ по текст, режија и во изведба на „Колектив Ветерница“.
„Месечиново“ е претстава која обединува куклен, физички и театар на сенки. Дејствието на претставата се одвива во едно магично место наречено Месечиново каде што живеат сите суштества на фантазијата наречени друѓе. Во тоа градче е само ноќ и Месечината е неговиот заштитник. Кога Месечината е полна се одржува големиот панаѓур во нејзина чест, но кога е празна сите во Месечиново се кријат од најстрашното сениште – Кошмора. Јунаците од оваа сказна ќе успеат да го победат својот страв и да и се спротистават бидејќи само стравот нѐ спречува во остварувањето на нашите желби.
Улогите ги толкуваат Марија Бејкова, Ивана Нелковска, Билјана Митева, Билјана Димитрова и Милош Стојановиќ. Куклите ги изработи Бруно Толиќ. Kостимографија е на Рената Димчов, а сценографијата на Велимир Жерновски. На реквизитата работеше Сања Симоска додека пак изборот на музика е на Ѓорѓи Јаневски.
Дизајнот на промотивниот материјал е на Ангела Маневска, а анимација е од Вања Шереметкоски.