Фестивалот „Мел фест“ ( Мелодија фестивал) во Прилеп, кој своевремено беше единственото музичко талент-шоу во Македонија и надвор од неа, на кој децата од Македонија но и од целиот регион и Балканот изведуваа познати песни, хитови и евергрини, се врати на сцената на голема врата.
Имено, претходната недела во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа познатиот фестивал.
Како гостинка на гала вечерта беше најавена српската пејачка Јелена Томашевиќ.
Меѓутоа, популарната пејачка не се појави на музичка сцена во Прилеп. Елена Петреска, пејачка и уметнички директор на феситвалот истакна дека популарната пејачка не можела да дојде бидејќи на одморот на Занзибар и биле украдени документите.
„Јелена беше најавена како гост на „Мел фест“, за жал, не можеше да дојде. Информирани сме дека Томашевиќ била на Занзибар каде што доживеала голема непријатност поради која беше спречена да дојде во Прилеп. Имено, на Јелена и биле украдени документите и не може да патува додека не добие нови документи. Сепак, таа вети дека ќе се појави на некои од следните случувања поврзани со „Мел фест“, објасни Елена пред некој ден.
Сепак, вистината е сосема друга. Имено, се огласи и менаџментот на Томашевиќ од Македонија и за „Фокус“ истакна дека пејачката не дошла на манифестацијата поради закажани настапи.
-Менаџментот од Македонија на една од најпопуларните вокални интерпретаторки на Балканот, Јелена Томашевиќ, ги отфрла шпекулациите дека документите на пејачката се украдени. Поради недоразбирање, започнатите преговори околу нејзиниот настап како специјален гостин на еден од реномираните фестивали кај нас „Мел Фест“ кој годинава се одржа по 20-ти пат пејачката и менаџментот не успеаа да го договорат нејзиното учество, а во меѓувреме веќе истата имала договорени настапи во Србија. Длабоко се извинуваме за непријатностите и посакуваме што побрзо да ни биде гостин со солистички концерт, спектакуларен како оној што го одржа во МОБ во јуни годинава, пренесува Фокус.
А судејќи по видеата на „Инстаграм“ профилот на Томешевиќ, може да се забележи дека популарната пејачка навистина имала настапи.
За потсетување, Томашевиќ исто така беше најавена дека ќе биде гостин на концертот во чест на „Тоше Проески“, меѓутоа пејачката и на овој концерт не се појави.