Македонскиот етно-состав „Синтезис“, завчеравечер, 29 ноември во клуб-ресторанот „МКЦ“, го промовираше своето ново албумско издание „Остров“, како и монографијата „Патување низ музичкото време“, во која хронолошки е претставена историјата и развојот на групата. Промоцијата помина во опушетна атмосфера, а на неаа присуствуваа голем број новинари, пријатели, колеги и почитувачи на групата и нивната музика.
„Остров“ е осми албум на групата кој како и претходните донесува епски композиции кои се натопени со македонска традиција и влијанија од тоа што се нарекува светска музика (world music). Албумот содржи седум песни, меѓу кои насловната „Остров“, „Мома Катерина“, „Дима љубит самовила“, „Смиљана ми се армаса“, како и „Јано, Јановице“, за која е снимен и видеоспот. Материјалот за албумот е снимен во студиото „Подрумот“ на Анѓел Ќосев, а издавач е „СЈФ рекордс“. Како гостин на „Остров“ во две песни се појавува Влатко Стефановски, чиј впечатлив и препознатлив звук на неговата гитара го бои ова музичко дело на „Синтезис“ во темите во кои тој гостува.
Монографијата „Синтезис – Патување низ музичкото време“ пак ја одбележува 20-годишнината од постоењето на групата. Нејзин автор е Милан Банов. Подготовката и дизајнот се на Горан Атанасовски, а издавач „Интермедија“. За групата „Синтезис“ во монографијата пишуваат и Оливер Белопета, Михаил Ренџов, Владимир Мандичевски, Бранка Костиќ-Марковиќ, Венко Андоновски и Елени Новаковска. Ова ексклузивно издание содржи текстови, податоци и голем број фотографии кои на оние што ќе го имаат в раце ќе им ја приближи интимната приказна и развојот на групата.