Вечерва, 30 ноември, четврток во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со отворањето на тридневната музичка конференција и шоукејс фестивал ПИН, почнува 19. издание на фестивалот ТАКСИРАТ! Годинашната програма, која ја претставува и соработката на „Таксират“ со фестивалот „Десонанц“, ќе се одвива сѐ до 9 декември, со повеќе од 10 фестивалски настани и со настапи на повеќе од 60 значајни музички артисти од Европа, целиот регион и македонската сцена!
Првиот настан од „културната недела“ на ТАКСИРАТ и ДЕСОНАНЦ е меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал сo импресивна програма која Скопје, од 30 ноември до 2 декември, го претвора во збирно место на креативната енергија и музичкиот пркос на артистите и музичките професионалци од европската сцена! Повеќе од 100 делегати гостуваат овие денови во Скопје на панел дискусиите посветени на различни актуелни теми кои ја засегаат македонската музичка сцена и претставуваат бројни успешни примери од различни земји. Посветувајќи се на независната сцена, на музичките трендови, фестивалите, промоцијата на музичките артисти, институционалните стратегии за поддршка на музичката уметност, авторските права и други теми, на ПИН ќе чуеме бројни експерти меѓу кои се и главните ликови зад реномираните музички настани и асоцијации како „Бојлер рум“ од Берлин, „Гластонбери“ од Велика Британија, холандскиот „Амстердам денс ивент“, фестивалот „Вудсток“ од Полска, „Похода“ од Словачка, „Егзит“, „Драгстор“ и „9евет“ од Србија, „Риуоркс“ од Грција, „Импала“ од Белгија, „Аутлук“ и „Дајменшнс“ од Хрватска, официјалните музички фацилитатори од Норвешка, Австрија и Унгарија, и уште многу други од Европа и подеднакво голем број претставници од македонската сцена. Присуството на ПИН конференцијата е бесплатно за сите посетители, само со претходна регистрација на овој линк.
КОМПЛЕТНА ПРОГРАМА НА ПИН КОНФЕРЕНЦИЈА
Во музичката програма на ПИН, пак, нѐ очекуваат повеќе од 30 настапи на музички артисти, кои ќе се одржуваат во МКЦ во Скопје и тоа со бесплатен влез за посетителите. Во овој дел од програмата се запишуваат австралиско-американскиот арт-рок бенд „Лајрс“, хероите на истанбулскиот психоделичен рок „Баба Зула“, македонските сајберпанк пионери „Киборг“, една од најавтентичните и неконвенционални македонски музички групи „Фолтин“, еден од најдобрите хардкор панк бендови од Балканот, „Дебели прецједник“ од Хрватска, извонредниот хармоникаш од Швајцарија, Марио Батковиќ, кој на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди, македонскиот концептуален бенд кој музички може да се опише како пастиш на секој можен жанр – „Поган паган“, едни од највлијателните претставници на македонската транс музика „Егоритмија“, „Диџеј Антрикс“ и „Спирит аркитект“, акустичната етно група со минималистички музички концепт „Баклава“, рок групата „Културно уметнички работници“, која на ПИН ќе го промовира својот нов албум, „Итс евриуан елс“ од Словенија, „Стреј дог“, „Нејкед“ и „Визељ“ од Србија, „Ат павилјон“ од Австрија, од домашната сцена уште и „Контакт 59“, „Суит рапскалионс“, „Кепурдат“ и други. Во петок скопската публика ќе ја има можноста да ги чуе и резидентите на „Драгстор Белград“ – хардверскиот волшебник A//O и еклектичниот селектор на танцови ритми Сауд.
КОМПЛЕТНА ПРОГРАМА НА ПИН КОНЦЕРТИ
По тридневниот ПИН, концертната програма продолжува и со настапите на:
- „Опиум хам“ во „Капан ан“, на 2 декември;
- „Плутос даутс“ во кино Фросина, на 4 декември;
- „Делта функционен“ во МКЦ, на 7 декември;
- Дарко Рундек во МКЦ, на 7 декември;
- Демиен Дубровник и „Стринг форсис“ во Македонска Филхармонија, на 8 декември;
- „Хедлес хорсмен“ во МКЦ, на 8 декември;
- „Лузер фест 2017“ во МКЦ, на 9 декември.
На исчекор кон 20-ката на „Таксират“, големото финале со кое ќе биде означен и почетокот на прославата во чест на „20 години алтернатива во Македонија“, нѐ очекува со концертот на пионерите на електронската музика, германскиот легендарен колектив „Крафверк“, чиј концерт со импозантното 3-Д аудио-визуелно шоу ќе се одржи на 27 февруари, во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Превземено од: РадиоМК