Мегафон

На 18. октомври започнува „Скопје џез фестивал 2018“

На 18. октомври започнува „Скопје џез фестивал 2018“

Десет атрактивни концерти со изведувачи од Македонија, Европа и светот, ќе бидат дел од четиридневната програма на годинешново 37. издание на „Скопје џез фестивал“ кој започнува на 18 октомври (20 часот) во Македонската опера и балет со концертот на британскиот музичар Александар Хокинс, еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори.

Изборот на организаторите и годинава ќе ги израдува љубителите на џез-музиката кои до 21 октомври ќе имаат можност да слушнат уште девет музички настапи на музичари од Норвешка, Данска, Холандија, Португалија, Финска, но и да уживаат во изведбата на Тони Китановски и пријателите, концерт со кој ќе го одбележи јубилејот 30 години на музичката сцена (21 октомври, 20 ч).

На денот на отварањето, 18 октомври, дел од програмата ќе бидат и американскиот „Дејвид Мареј квартет“ (22 часот, МОБ). Како голем љубител на поезијата, која секогаш била во служба на неговата музика, саксофонистот и кларинетист Мареј на сцената во Скопје ќе настапи со њујоршкиот слем-поет, рапер, писател, музичар, колумнист и актер Сол Вилијамс како вокал.

Во Денсинг салата на МКЦ, точно на полноќ, пак, ќе започне музичкото дружење со норвешките музичари, гитаристот и вокалист Арто Линдзи и Пал Нилсен-Лав. Линдзи е еден од најзначајните фигури на бруталната њујоршка но-њаве сцена од доцните седумдесетти. Пал Нилсен-Лав, пак, е еден од творечки најпродуктивните и најактивните норвешки музичари во последните 20 години.

Втората вечер е резервирана за музичарите од Америка, Вадада Лео Смит – трубач, мултиинструменталист, композитор и импровизатор, музичкиот колектив „Хариет Табмен“, како и на гитаристот Трстон Мур.

Данската саксофонистка Мете Расмусен ќе настапи на 20 октомври, а истата вечер ќе се претстават и „Трондхајм војсес“, револуционерен и иновативен норвешки ансамбл, како и Сузана Сантош Силва, трубач, импровизатор и композитор од Порто, Португалија. Таа ќе настапи во трио формат, заедно со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Барс, како и со еден од најдобрите тапанари/перкусионисти во џезот, чикашката легенда Хамид Дрејк.

To top